Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, како организатор на 47. издание на фестивалот Скопско лето, во продолжение споделува информации за настаните кои ќе се одржат овој викенд.
Вечерва (03.07.2026г. – петок), со почеток во 20:30 часот во Младинскиот културен центар премиерно ќе биде одиграна театарската претстава „Теорема, леме“, според романот и филмот „Теорема“ на Пјер Паоло Пазолини, во продукција на Независниот театар Златен Елец, а во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ. Актери се: Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски.
Ева Камчевска, драматург на „Теорема, леме“ вели дека „Претставата не треба да се гледа низ призма на реализам, туку на парабола. Но, асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што во вас ќе го поттикнат (надежно), е без сомнение и во најмала рака – реално.“
Билетите за претставата се во продажба на karti.com.mk.
На 04.07.2026г. (сабота) со почеток во 20:30 часот во Музеј на Град Скопје ќе се прикаже краток документарен филм насловен „Шуплевски – ехо низ времето“. Автор на проектот е Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано.
„Шуплевски – ехо низ времето“ низ архивски материјали, сведоштва и музички записи ја следи повеќегенерациската приказна на семејството Шуплевски, чие дејствување оставило длабок белег врз развојот на современата македонска музика. Потекнувајќи од старото скопско маало Чаир, семејството Шуплевски повеќе од еден век е активно присутно во музичкиот живот преку диригирање, хорско пеење, инструментална изведба, музичка педагогија, компонирање и концертна дејност. Од Трајко Шуплев, преку Драган, Гане и Богданка Шуплевски, па сè до денешните генерации музичари, нивната уметност претставува жив континуитет на музичката традиција и современиот македонски музички израз.
Филмот претставува омаж на семејството кое низ четири генерации ја обликува културната сцена на Скопје и Македонија, оставајќи трајно наследство во музичкото образование, оркестарската и камерната музика, како и во развојот на институциите и концертниот живот. „Шуплевски – ехо низ времето“ е сведоштво за силата на семејната традиција, посветеноста кон музиката и културното наследство што продолжува да живее и денес.
Влезот е слободен.

