Низа пропусти во финансиското работење и во почитувањето на законските процедури констатирал Државниот завод за ревизија во Академијата за судии и јавни обвинители. Ревизорите утврдиле неправилности поврзани со исплата на надоместоци, ангажирање на кадар, прекувремена работа, користење службени ресурси и јавни набавки.
Според извештајот, исплатите на надоместоци на членовите на Управниот одбор и на Програмскиот совет се вршеле месечно и во целост, а не пропорционално од присуство на седница за месеци кога е одржана седница.
„Исплатите се вршат во целост, а не пропорционално од присуство на седници и при тоа во одредени месеци средствата се исплатени во тековен месец пред одржување на седница. Утврдивме дека исплатени се средства и на членови кои воопшто не присуствувале на одржаните седници. Ваквата состојба не е во согласност со член 13 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители и има за ефект повеќе исплатени средства за оваа намена во вкупен износ од 211 илјади денари“, пишува во извештајот.
Наведено е дека законски утврдениот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители бил надминат за три месеци. Практичната настава, која согласно законските одредби требало да заврши заклучно со 31 јули 2024 година, траела до октомври 2024 година. Според ревизорите, ова довело до исплата на дополнителни финансиски средства.
Ревизијата утврдила и дека дел од договорите за изведување на практична настава како менторирање биле склучени по изминување на периодот на менторство.
Посебен наод се однесува на координаторите вклучени во почетната обука. Во извештајот е наведено дека статусот, правата и обврските на координаторите се утврдени со Правилникот за практична настава во почетна обука, но не и со Законот за Академија за судии и јавни обвинители. Ревизорите утврдиле дека за 111 координатори во 2024 година биле исплатени вкупно 970 илјади денари. Според извештајот, утврдување статуси и надоместоци со интерни акти кои не се предвидени со закон влијае на наменското трошење на буџетските средства.
„Со увид во документацијата утврдивме дека за 111 координатори во 2024 година исплатени се вкупно 970 илјади денари. Утврдување на статуси и надоместоци со интерни акти кои не се предвидени со закон, влијае на наменско трошење на буџетските средства,“ пишува во извештајот.
Државниот завод за ревизија констатирал и дека на членови на комисии за оценување на практичната настава им биле исплатени надоместоци иако правото и исплатата на вакви надоместоци не е утврдена во Законот за Академија за судии и јавни обвинители.
Во делот за прекувремената работа, ревизијата утврдила надминување на законски утврдениот максимум и непочитување на обврската за претходно писмено известување до подрачниот државен инспектор на труд.
Ревизорите утврдиле и исплати на додаток на плата за прекувремена работа за вработено лице во денови кога му било изготвено решение за службено патување во странство и за истото му биле исплатени дневници, како и за присуство на седница на Управен одбор која се одржала во текот на полното работно време.
Дополнително, Академијата немала донесен Стратешки план, иако според Законот за Академија за судии и јавни обвинители Управниот одбор е должен да донесе ваков документ во кој се дефинираат стратешките цели. Во извештајот се наведува дека отсуството на овој стратешки документ не дава можност за следење и оценување на успешноста на работењето и создава ризик за ефикасно користење на средствата.
„Отсуството на овој стратешки документ во кој се дефинираат јасни цели и индикатори, влијае на работењето на Академијата, не дава можност за следење и оценување на успешноста на нејзиното работење и создава ризик за ефикасно користење на средствата“ оценуваат од ДЗР.
Констатирано е и дека во текот на 2024 година биле набавени стоки и услуги во вкупен износ од 418 илјади денари со ДДВ без спроведена постапка за јавна набавка.
„Во текот на 2024 година без спроведена постапка за ЈН набавени се стоки и услуги за вкупен износ од 418 илјади денари со ДДВ (Прилог бр.1), што не е во согласност со членот 40 став 1 од ЗЈН во кој е уредено дека за набавка на стоки и услуги чија проценета вредност без ДДВ е еднаква или поголема од 1.000 евра
во денарска противвредност, се спроведува јавна набавка“, пишува во извештајот.
Ревозорите потенцираат дека ваквото постапување не обезбедува почитување на начелата за обезбедување конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација, транспарентност и интегритет во процесот на доделување договори за јавни набавки, како и рационално и ефикасно искористување на средствата.

