Речиси две седмици по објавувањето на три милиони документи од досието на Џефри Епстин, починат во 2019 година, од страна на американското Министерство за правда, и понатаму претставуваат латентна закана за кредибилитетот на многу влади, главно во т.н. Западен свет, компромитација и уништување на голем број политички кариери, разнишан статус на личности од т.н. светска елита.
Македонија во мрежата на Епстин – на научно ниво или како во заплет од хорор филм
Дури и во ваква контроверзна афера со глобални димензии, за која некои светски политички аналитичари сакаат да кажат дека „паднале маските на моќните и (само)избраните“, провејуваат и некои колумни во медиумите (повторно светски) во кои се забележува нов стадиум на лицемерство – дека секој што се нашол во документите на Епстин, всушност го потврдил својот „елитен статус“, со премолчана желба „подобро да се биде, отколку да го нема“ во контроверзната листа. На своевиден начин, тоа е уште една потврда на озлогласениот цинизам на елитите, во мигови кога се „фатени на дело“.
Додека аферите произлезени од документите на Епстин, од кои се обидуваат да се извлечат (до)сегашните моќници, се во најголем дел поврзани со престапи од сексуално злоставувачки карактер, Македонија во овој глобален скандал е вовлечена на „научно“ ниво, кое на прво слушање звучи како заплет за хорор филм – извезување на мозочно ткиво од пациенти-самоубијци.
Сепак, истражувања врз обвивката на нервното влакно во мозокот, медицински наречено „миелин“, бил предмет на проектот кој ги поврзал македонските медицински научни институции, како МАНУ, Медицинскиот факултет, Институтот за судска медицина и Универзитетот Колумбија во САД, пред 30-ина години. Секако, овој случај предизвика висок степен на јавен интерес и општествена реакција во Македонија, најмногу поради медиумската квалификација на делото како „извоз на мозочно ткиво“ во документите на контроверзниот американски финансиер и осуден сексуален престапник, Џефри Епстин.
Сензибилизираноста и вознемиреноста во македонската јавност е повеќе од правно-етички аспект, во контекст дали се почитувани и дали воопшто постоеле законски процедури во Македонија за изнесување од земјата на такви специфични органски (човечки) материи(јали), па дури тоа да е и за научни цели. Всушност, особено затоа што станува збор за научни институции од највисок ранг во Македонија и во САД.
Носителите на проектот од македонската страна, професорот на Универзитетот Колумбија, Горазд Росоклија и тогашниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, тврдат дека биле запазени сите тогашни законски процедури за изнесување од земјата на органски материјал за научни цели, иако се соочувале со различни непрецизни законски и процедурлни одредби.
Сепак, и покрај тоа што се изминати 30 години од почетокот на проектот, Јавното обвинителство на Македонија отвори предмет по допрен глас по медиумските објави поврзани со документите од случајот со Џефри Епстин, во кои се појавуваат наводи дека примероци од мозоци на починати лица од земјава биле транспортирани во САД за научно-истражувачки цели.
Во објавениот мејл на Епстин од 5 февруари 2019 година пишува за некои испитувања за причините на самоубиствата, за биологијата на самоубиствата. Се споменуваат неколку имиња на еминентни научници од американските универзитети во Питсбург, Колумбија, Њујорк, Јејл…
„Малата балканска земја Македонија ги обезбедува мозоците, благодарение на еден член на факултетот на Универзитетот Колумбија кој потекнува оттаму и кој помогнал да се организира целиот процес. Мозоците се замрзнуваат веднаш по нивното отстранување и со авион се транспортираат во сандаци, под специјална придружба, поминувајќи околу 7.500 километри (4.700 милји) за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, означени со кјуар-кодови. Внатре се наоѓаат дисецирани делови од розово ткиво во пластични кеси, обележани со маркери: десна страна, лева страна и датум на земање“, му пишуваат на Епстин во меил, веројатно убедувајќи го да инвестира во проектот на Универзитетот Колумбија.
Иако македонското јавно обвинителство веќе отвори предмет за овој случај, од повеќе институции вклучени своевремено во проектот се најавува дека можеби ќе има проблем со пронаоѓање на документацијата како доказ, со оглед дека веќе е изминат рокот до кој според закон требале да ги чуваат документите. Како што наведуваат од Медицинскиот факултет, во време на спроведување на проектот, законската рамка за чување на документите била 15 години. А според изјавите на професорот Росоклија, проектот е целосно завршен уште во 2015. Сепак, она што е забележително, е што меилот на Епстин во кој се зборува за истражувањата на Универзитетот Колумбија со мозочно ткиво од Македонија е од 2019 година. Очигледно, обвинителството ќе има многу наводи за истражување.
Македонските научници не се сомневаат во научните придобивки од соработката со Универзитетот Колумбија
Иако истражување врз мозочни ткива меѓу македонските медицински научни институции, како МАНУ, Медицинскиот факултет, Институтот за судска медицина и Универзитетот Колумбија во САД е завршен пред речиси десетина години и сите протагонисти во проектот се задоволни од постигнатите резултати (објавени се повеќе научни трудови), контекстот на актуализирање во документите на Епстин, отвори простор за нови сомнежи и одредена компромитација.
Едно од прашањата произлезе токму од апстрактот за соработката меѓу македонските институции и Универзитетот Колумбија, каде се објаснува заедничкиот интерес во истражувањата.
„Логиката зад оваа соработка беше што Македонија имаше висока стапка на аутопсии и група добро едуцирани лекари со државна поддршка за плати, но со ограничени дополнителни ресурси за истражување и мало искуство во обезбедување такви средства. Од друга страна, Психијатрискиот институт на државата Њујорк и Универзитетот Колумбија имаа изобилство ресурси за истражување на мозокот, но многу мал број аутопсии на психијатриски случаи, кои се изведуваа на различни локации од преоптоварени патолози со малку време за долги протоколи за собирање мозоци“, се вели во документот.
Нелогичноста во логиката на соработката е во прашањето како земја со едвај 2 милиона жители овозможува поголем „материјал за истражување“ од земја со 350 милиони жители. Професорката Билјана Ванковска, по свое лично истражување на овој феномен заклучува дека причината не е демографска („немаат доволно пациенти“), туку е повеќе – правна, логистичка, финансиска, но и етички проблематична.
„Големата земја немала лесен пристап. Малата земја – имала. Парадоксално, сиромаштијата и послабата регулација стануваат ‘предност’ за странските лаборатории“, реторички се прашува професорката Ванковска, алудирајќи на спорноста за етичката (не)доследност во научниот проект.
Според соопштението на Министерство за здравство на Македонија, од таму ни денес, а ниту во времето на проектот нема(ле) директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност. Затоа се потпираат на информациите од Медицинскиот факултет дека „научно-истражувачката работа која е поврзана со биолошки материјал кој во себе содржи генетски карактеристики е предмет на ригорозно нормативно регулирање, како што е Закон за научно истражувачка дејност, Правилник за клиничкo испитување, Упатство за начинот на постапување при трансфер и транспорт на биолошки материјали, како и начинот на пакување и обележување биолошки материјали“.
Притоа уверени се дека е испочитувана постапката за транспорт на ткива од тој временски период, која се состоела од: информирана согласност на семејството, по што следувала одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе, за постапката да продолжи со дозвола за извоз на ткива од тогашно Биро за лекови, во кое прецизно се наведува дека ткивото е за научноистражувачка дејност и за кои цели се користи материјалот.
Според неофицијални извори од МАНУ, немаат никакви сомневања во однос на придобивките од научната соработка со Универзитетот Колумбија. Од нивна страна проектот се спроведувал преку Центарот за генетско инженерство, со кое тогаш раководел академикот Момир Поленаковиќ (сега веќе покоен), а оперативните носители на проектот Горазд Росоклија и професорот од Универзитетот Колумбија, Ендру Дворк се и членови на МАНУ надвор од работниот состав.
Примероците од мозочното ткиво се користеле во истражувања врз обвивката на нервното влакно во мозокот, медицински наречено „миелин“, за да се утврди некаква поврзаност со невропатологијата на шизофренијата.
Со оглед на тоа дека проектот бил финансиран од Министерството за здравство на САД, а Универзитетот Колумбија е светски високорангирана научно-образовна институција, од која произлегле неколку нобеловци (на шесто место на Шангајската листа), до сега (до објавувањето на документите на Епстин) немало причина за сомнеж за легалноста на придобивките и резултатите од проектот кој завршил пред десетина години.
Компромитиран и Универзитетот Колумбија
Настрана од македонскиот случај, од објавените документи на Епстин, произлегоа сознанија за неговите „блиски релации и влијание“ токму во Универзитетот Колумбија. Имено, тој ѝ помогнал на неговата последна „девојка“, Карина Шулиак од Бело да ги заврши студиите по стоматологија токму на Универзитетот Колумбија.

Неодамна, Универзитетот Колумбија соопшти дека новооткриените комуникации вклучени во неодамнешниот документ објавен од Министерството за правда на САД покажале интеракции кои „не ги исполнуваат стандардите на Колумбија за интегритет и независност при прием“.
„Записите се дел од поширока транша е-пошта и материјали поврзани со Епстин, кои беа објавени од федералните власти. Универзитетот соопшти дека приемот за кој станува збор се совпаднал со дискусиите за собирање средства што ги воделе поранешните раководители на стоматолошкиот факултет и алумни со Епстин.
Колумбија не го идентификуваше студентот во својата изјава, но рече дека лицето подоцна дипломирало и не е прогласено за одговорно за какво било кривично дело“, се вели во најновите извештаи за аферата во која се поврзани Епстин и универзитетот. Имено, извештајот објавен од Блумберг детално ги опишува годините на комуникација помеѓу луѓе поврзани со Епстин и виши членови на Стоматолошкиот факултет на Колумбија. Според тој извештај, тогашната девојка на Епстин, Карина Шулиак, била примена како студентка на трансфер во 2012 година и покрај тоа што не го завршила својот степен на стоматолошка институција во Белорусија.
Универзитетот Колумбија соопшти дека разговорите за собирање средства ги водело раководството на Стоматолошкиот факултет во тоа време, или лица кои дејствувале во нивно име, а не под раководство на Медицинскиот центар или централната администрација на универзитетот.
Универзитетот додаде дека лицата кои сè уште се поврзани со Колумбија, а кои биле поврзани со ова прашање, се отстранети од административни и волонтерски раководни позиции.
Чистење на дамките со сомнежи од глобалната афера на Епстин
Во коректните новинарски известувања за аферите произлезени од документите на Епстин, низ целиот свет, обично се нагласува дека нечие споменување во нив, не значи автоматски вмешаност во криминални дејства и кривично дело. Но, во овие две седмици од објавувањето на трите милиони документи на Епстин, се покажа дека и патемно споменување во нив, предизвикува компромитација и ангажман за чистење на дамките во биографиите, било на луѓето или институциите, односно докажување на невиност, наивност или заблуда.
И Македонија како држава, и научните институции секако треба да спроведат легитимен и легален процес, за да не остане петно на сомнеж за вмешаност во аферата со глобални димензии.
Јасминка Павловска

