Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, и претседателот на Франција, Емануел Макрон во обид да внесат нов елан во напорите за приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија, на Самитот во Тиват, Црна Гора обелоденија т.н. „нон-пејпр“ кој ветува нова динамика во процесот на проширување. Документот очигледно се базира на претходните најави за еден вид придружно членство, односно надградба на веќе постоечката политика на „морков и стап“ со која сè појасно е дека еден дел од кандидатките ќе добијат поголем морков, а друг дел поголем стап.
Според најавите од Тиват, Макрон и Мерц, а со поддршка и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и останатите европски лидери, нудат процес на „постепена интеграција“ преку „градивни елементи“ кои вклучуваат учество на заеднички состаноци на претставници на земјите кандидатки како набљудувачи, соработка во областа на безбедноста, соработка со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, потоа Агенцијата на ЕУ за кибербезбедност, учество во ЕУ програмите како Кретивна Европа, Дигитална Европа, Еразмус +, како и пристап до европските инструменти, како оној за техничка поддршка, Твининг и Таиекс. Понатаму, можеби најпривлечно за земјите од Балканот кои сè уште не се членки, а барем декларативно сакаат да бидат, се нуди секторска интеграција во Единствениот пазар на ЕУ преку членство во Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА, потоа бесплатен роаминг, или т.н. Роаминг како дома, транспортната заедница, енергетски пазар, зелени коридори, дигитален пазар, намалување на трговски бариери итн, итн.
Изјавите на Мерц, Макрон и фон дер Лајен од Самитот покажуваат дека Унијата ова го смета за доказ оти земјите од Западен Балкан не се оставени сами и нивната ЕУ интеграција нема да трае вечно како што некој сака да прикаже.
„Фактот што немаме примено нови членки веќе 13 години покажува дека недостатоци исто така има и на страната на Европската унија, и тоа е тоа што сакаме да го надминеме денеска“, ќе рече Мерц пред почетокот на Самитот.
„За нас проширувањето е геостратешки императив, како и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста“, рече фон дер Лајен додавајќи дека процесот на пристапување мора „да стане подинамичен“.
Што градат градивните елементи
Дел од македонските медиуими објавија превод на македонски јазик на содржината од неформалниот „нон-пејпр“ документ насловен како „Нов моментум за проширувањето“ кој почнува со кратка, но моќна реченица дека целта на Германија и Франција, двете најмоќни членки на елитниот клуб, е Унијата да ја довршат како „вистинска европска унија“ што во слободно толкување би значело сите држави на континентот да станат членки.
Како што се додава понатаму, за навистина да се случи тоа ЕУ мора да обезбеди „дополнителни поттикнувања како дел од процес на постепена интеграција заснован на заслуги“, како и да го поедностави „сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција во ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми“.

Иако нон-пејперот потенцира дека намерата не е да се замени полноправното членство или да се одолговлечи процесот на пристапување туку напротив, да создаде поттик што ќе го забрза напредокот на кандидатките, самите предуслови за т.н. градивни елементи бараат доста внимателно читање.
Така на пример, за да учествуваат во дневниот ред на Советот на ЕУ како набљудувачи без право на глас, кандидатките ќе треба да ги затворат релевантните поглавја од пристапниот процес, слично како што за да учествуваат како набљудувачи без право на глас во дневниот ред на состаноците на Советот за надворешни работи на ЕУ, кандидаткитте треба да го исполнат условот за „привремено затворање на Поглавје 31 (Заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика)“. Исполнувањето на критериумите на ова поглавје (Заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика) се предуслов и за засилена соработка со Фонтекс, интегрирање во европската Агенција за кибербезбеднсот и во системот за рано предупредување за кибер напади.
Поглавјето 31, покрај останатото, можеби најмногу се однесува на усогласување со надворешната политка на Унијата кон Русија како најголема закана за нејзината стабилност и приклучување кон санкциите кон режимот во Кремљ.
Во однос на она што се чини дека е најпривлечно во овој нон-пејпр за македонските граѓани, односно најрпво секторска, па потоа и целосна интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, што значи бесплатен роаминг, поедноставен транспорт на стоки, зелени коридори, дигитален пазар, се вели дека предуслов е „исполнување на соодветните стандарди и барања и/или привремено затворање на релевентните преговарачки поглавја“, потоа и „усвојување и имплементација на Европското право (acquis) од преговарачките кластери 1-5 и привремено затворање на релевантните преговарачки поглавја“.
Колку за појаснување во однос на сотојбата во која се наоѓа Македонија, преговарачкиот процес опфаќа вкупно 6 кластери, од кои само првиот односно „Фундамнтални вредности“ ги вклучува правосудството, основните човекови права, правда, слобода и безбедност, но и јавни набавки, статистика и финансиска контрола. Ова е кластерот кој се отвора прв а се затвора последен, па за целосна интеграција во Единствениот пазар едноставно ќе треба да ги завршиме преговорите па додека чекаме парламентите на земјите членки да го ратификуваат нашето членство веќе да бидеме дел од европскиот пазар.
Останатите четири кластери, иако е беспредметно да се споменуваат, се: Внатрешен пазар (движење на стоки, работници, капитал и услуги, трговски друштва, интелектуалната сопственост, конкуренцијата, финансиските услуги и заштитата на потрошувачи); Конкурентност и инклузивен раст (Информатичко општество и медиуми, даноци, економска и монетарна политика, социјална политика и вработување, наука, образование, култура, царини); Зелена агенда и одржлива поврзаност (транспортна политика, енергетика, трансевропски мрежи, животна средина и климатски промени); и Ресурси, земјоделство и кохезија (Земјоделство и рурален развој, безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, рибарство, регионална политика и координација на структурни инструменти, финансиски и буџетски одредби). Шестиот и последен кластер е Надворешни односи од кои дел е поглавјето 31, Надворешна и безбедносна политика чие затворање како што е претходно наведено е предуслов за учество на состаноци без право на глас.
Останува фактот дека за Македонија да стигне до таму треба најпрво и формално да ги започне прегоговорите односно да го отвори првиот кластер. За волја на вистината, државата е формално усогласена со надворешната и безбедносна политика, веќе е дел од СЕПА, процесот за бесплатен роаминг е започнат но се одложува, имаме договор со Фронтекс, а и учеството во програмите и иницијативите како Кретивна Европа и Еразмус + веќе е активно иако можеби не на задоволително ниво.
Сигналите за Кошта
Неколку дена пред Самитот во Тиват, како дел од неговата балканска турнеја, во Скопје допатува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој уште еднаш потенцираше дека Уставните измени и вметнувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот се единствениот услов за отворање на поглавјата. „Ништо помалку, ништо повеќе“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека Црна Гора сака да ги заврши преговорите до крајот на оваа, а Албанија до крајот на следната 2027 година. Имајќи предвид дека Албанија го отвори и последниот кластер поглавја во преговорите со ЕУ, а договорот за членство на Црна Гора веќе се подготвува бидејќи малата балканска земја е најблиску до целта, по сè изгледа дека продобивките од новиот моментум на Мерц и Макрон ќе бидат најголеми токму за овие две земји.
Од друга страна, во деновите пред и за време на посетата на Кошта, претставниците на македонската власт, испратија повеќе сигнали до јавноста, и нашата и онаа во соседството, кои што беа доста критички кон политиката за проширување на ЕУ. Еден ваков сигнал дојде од претседателката Гордана Силјановска Давкова, која истиот ден кога Кошта беше во Скопје замина на официјална посета на Словачка каде во разговорите со нејзиниот колега Петер Пелегрини разговарале за „нашата маратонска евроинтеграција и словачката поддршката во процесот“. По смената на власта во Унгарија и катастрофалниот пораз на Виктор Орбан, Словачка е државата членка на ЕУ која покажува најголеми симпатии кон Русија.
Еден ден претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски во гостување во еден подкаст рече дека ние сме поискусни и сме навикнати да нè лажат.
„Ним ова им е прв или вторпат да ги излажат, нам ќе ни биде дваесетти пат и тука нема друга разлика во пристапот. Нечесно е да се лажат луѓето, а она што се случува е обид да се лажат луѓето во целиот регион“, ќе рече Николовски.
Според него, што се однесува на проширувањето, ситуацијата е јасна, тоа е прекинато во 2013 година и шансите за да продолжи се само теоретски. „Не заради нас, туку заради внатрешните состојби во ЕУ“, додаде тој.
По обелоденувањето на новиот моментум во Тиват, македонскиот премиер ретерираше во ваквата позиција изјавувајќи дека процесот на проширување, сепак, е жив. Тој е многу задоволен од разговорите со Мерц, Макрон и фон дер Лајен. „Многу сум задоволен од тоа што го разговаравме“, ќе рече Мицкоски повторувајќи дека тоа биле навистина исклучително добри разговори.

Дали ваквото задоволство ќе биде взаемно и за македонските граѓани ќе се обелодени откако Европската комисија ќе го преточи нон-пејперот во реални чекори.
Околу морковот и стапот
Инаку, не е прв пат земјите членки на Унијата да објавуваат нон-пејпери кои, барем на хартија, воведуваат драстични промени во процесот на проширување. Така, на пример, токму Франција кон крајот на 2019 година до ЕУ достави сличен нон-пејпер за проширувањето. Тоа се случи еден месец откако токму Макрон го стопираше прогресот на Македонија и Албанија на Самитот на ЕУ во Брисел на 18 октомври 2019 година.
„Ја споделувам истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато сега јас морам да им порачам: овојпат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите“, ќе рече Макрон на заедничка прес-конференција со тогашната германска канцеларка Ангела Меркел еден ден претходно по заедничкиот состанок во Тулуз.
Овој француски нон-пејпер бараше воведување на т.н. реверзибилност во преговорите, односно процесот да може да се враќа назад ако државата-кандидат не назадува со реформите. Но, покрај реверзибилноста, содржината се чини дека е многу слична со новиот нон-пејпер, односно се однесува на „постепено придружување, построги услови и видлива корист“.
Еден месец подоцна пак, кон средината на декември истата 2019 година, девет земји-членки (Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Полска и Словенија) доставуваат уште еден нон-пејпер како нивен придонес во новата методологија за проширување. Во овој документ, според објавата на РСЕ, се споменуваат годишни самити ЕУ-Западен Балкан како и поголемо учество на претставници од регионот на неформални состаноци на Европскиот совет (Самит на ЕУ). Главниот фокус повторно е владеењето на правото.
„Новата“ методологија која Комисијата ја изработи на барање на Франција беше промовирана неколку месеци подоцна а во февруари 2020 година беше претставена и пред Националниот совет за евроинтеграции во македонскиот Парламент.
Ако нон-пејперот од 2019 година дефинитивно значеше спуштена рампа за влез на нови членки во Унијата, овој новиот, кој помалку или повеќе се однесува на истите нешта, има различно значење за различни кандидатки. По сè згледа дека најсилен ветер во грбот ќе добијат оние што се најдалеку во преговорите, Црна Гора и Албанија.
A онаму каде што процесот е заглавен, како во Македонија и Србија, градивните елементи на моментумот може да изградат уште поголема препрека на патот кон исполнување на сонот што полека, но сигурно се претвора во ноќна мора.

