Оваа најава следува по обвинувањата на опозициската СДСМ дека полицијата се партизира и дека новиот Закон за внатрешни работи е противуставен. Тошковски оцени дека станува збор за обид на опозицијата однапред да создаде алиби за изборниот пораз што, според него, ја очекува на наредните парламентарни избори.
„За да не им се даде алиби и да не им се остави простор да критикуваат и да бараат излезно сценарио, ќе предложам до пратениците во Собранието, најбрзо што може, измена со која и новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција ќе се одложат и ќе стапат во сила по завршување на изборниот процес“, изјави Тошковски.
Министерот посочи дека, со оглед на тоа што редовните парламентарни избори би се одржале за околу две години, законите би требало да стапат во сила по истекот на тој период, односно по завршување на изборите. Според него, целта е изборниот процес да се одвива според истите правила кои важеле и досега, без можност опозицијата да тврди дека законските измени влијаеле врз условите за избори.
„Сè со цел да не им дозволиме ни најмала излезна варијанта во насока на наоѓање алиби кое би го оправдало нивниот дебакл на наредните парламентарни избори“, нагласи Тошковски.
Тој додаде дека СДСМ, откако го изгубиле аргументот поврзан со техничката Влада, сега се обидуваат политичкиот фокус да го пренасочат кон новиот Закон за внатрешни работи.
„Претходно беше техничката Влада. Еве, сега остана техничката Влада за наредните избори. Денеска со соопштение се фокусирани на МВР и наводно противуставниот закон кој тие го детектирале, па сега тоа било проблем. Не смееме да дозволиме какво било алиби кое утре би можело да им биде основ да се повикуваат дека законот бил сменет и дека не им биле овозможени услови какви што тие барале“, рече министерот.
Тошковски истакна дека предложените законски решенија се значително подобри од постојните, но дека во интерес на политичката одговорност и јавната доверба, нивната примена ќе биде одложена.
„Законот требаше да стапи во сила од 1 јули, но за да не излезе дека правиме притисок врз Уставниот суд, во овој период од две години ќе има доволно можност и време за дебата дали одредени законски одредби се исправни или не се исправни“, рече Тошковски.
За СДСМ ова е победа за професионалната и чесна полиција. „Полицијата не смее да служи на криминалната група ВМРО, на шефот на мафијата Мицкоски и да служи за заштита на криминалот и корупцијата. Ова е победа на СДСМ за сите граѓани на Македонија и за професионалците во полицијата, победа на стручноста и професионализмот над партизацијата и политичката контрола врз полицијата. Ние поднесовме иницијатива до Уставниот суд со што ја блокираме партизацијата на МВР“.

