Close Menu
Rabrovo
    Актуелно

    „Добро сум“: Првата реакција на Расел Бренд по пресудата за силување

    06/11/2026

    Објавени конечните резултати од изборите во Србија, Студентската листа освои 140, а „Единствена Србија“ 103 пратеници

    06/11/2026

    Готвач добил отказ бидејќи одбил да стави ананас на пица: „Тоа е навреда за мојата култура“

    06/11/2026
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    RabrovoRabrovo
    • Почетна
    • Македонија
    • Економија
    • Култура
    • Спорт
    • Регион
    • Свет
    • Магазин
    Rabrovo
    Home»Македонија»ДЗР: Железницата плаќа милиони евра за неискористени кредити, а Коридорот 8 доцни со години
    Македонија

    ДЗР: Железницата плаќа милиони евра за неискористени кредити, а Коридорот 8 доцни со години

    05/11/20266 Mins Read
    Facebook Twitter WhatsApp Email

    Државната железничка инфраструктура се соочува со сериозни финансиски и инфраструктурни проблеми, а изградбата на железничкиот Коридор 8 со години се одолговлекува и поскапува, објави Државниот завод за ревизија. Според последниот извештај на ревизорот за Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, „Македонски железници“ Скопје, во ова претпријатие за неискористени кредитни средства се платени речиси 7,8 милиони евра провизии додека дел од проектите доцнат со години, постојната мрежа е во лоша состојба, а претпријатието продолжува да работи со загуби.

    Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразил неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на претпријатието со законската регулатива. Наодите укажуваат на долготрајни слабости во планирањето, реализацијата на капиталните инвестиции и управувањето со железничката инфраструктура.

    Според ДЗР, до крајот на 2024 година, на претпријатието му биле одобрени кредити во вкупна вредност од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сè уште не биле повлечени. И покрај тоа што средствата не биле искористени, за нивното одржување биле плаќани провизии.

    Во периодот опфатен со ревизијата, како што соопшти ДЗР, за неискористените кредитни средства биле платени 7.777.600 евра провизии. Од оваа сума, 6.838.144 евра се однесувале на втората делница од железничката пруга на Коридорот 8, од Бељаковце до Крива Паланка.

    Дополнително, од ДЗР посочуваат дека само во 2024 година претпријатието платило 2.853.178 евра камати. Овие трошоци се создавале паралелно со бавното спроведување на проектите за кои се обезбедени кредитите, што дополнително го оптоварува финансиското работење.

    Од ДЗР велат дека проблемите со изградбата на Коридорот 8 биле видливи уште кај првата делница, од Куманово до Бељаковце. Договорот за нејзината изградба бил склучен во 2013 година во вредност од 39,7 милиони евра, но вкупната вредност на договорот и исплатените средства достигнала 77,8 милиони евра, што претставува зголемување од околу 96 отсто.

    Истовремено, рокот за изградба бил продолжен за осум години и три месеци. Во ревизорскиот извештај се посочуваат повеќе причини за одолговлекувањето, меѓу кои грешки во проектната документација, недостатоци во статичките и конструктивните решенија, несоодветни технички решенија, проблеми со експропријацијата на земјиштето, обезбедувањето материјали, сигнализацијата и телекомуникациите, како и пристапните патишта.

    Дополнителни проблеми настанале и по прекинувањето на договорниот однос со изведувачот. Сето тоа придонело изградбата да се одолговлекува со години, а трошоците значително да ја надминат првично договорената сума.

    Ниту втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка, не се реализира според планираната динамика. Изградбата на овој дел од пругата започнала уште во 1996 година, но била прекината во 2004 година. Нов договор за изградба, во вредност од 155 милиони евра, бил склучен во јули 2022 година.

    До крајот на 2024 година биле исплатени 41,3 милиони евра, додека физичката реализација на градежните работи изнесувала 33 отсто. Во текот на реализацијата биле склучени 33 анекси на договорот, со дополнителна вредност од 8,1 милион евра, а биле доставени и две побарувања од изведувачот во вредност од 8,2 милиони евра. Вкупната вредност на овие дополнителни трошоци и побарувања изнесува 16,3 милиони евра.

    Рокот за завршување на делницата бил продолжен до 23 октомври 2026 година. Во периодот на ревизијата, исплатените средства веќе достигнале 50,5 милиони евра, а физичката реализација била околу 40 отсто.

    За изградбата на оваа делница се обезбедени средства преку кредит од Европската банка за обнова и развој во вредност од 145 милиони евра и грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан од 68 милиони евра.

    Покрај проблемите со новите инфраструктурни проекти, ревизијата укажува и на сериозната состојба на постојната железничка мрежа. Дел од пругите се стари и недоволно одржувани, а на повеќе места се воведени ограничувања на брзината поради техничката состојба на инфраструктурата.

    На Коридорот 10 се евидентирани околу 50 критични места на кои важат ограничувања на брзината, вклучително и делници на кои возовите можат да се движат со најмногу 20 километри на час. Меѓу наведените примери се делниците Драчево–Јане Сандански и Рајко Жинзифов–Велес.

    Особено загрижувачка е состојбата на мостот кај Стоби, чија стабилност е нарушена поради поткопување од водите на Црна Река. Во извештајот се посочува дека мостот бил ослабен во два наврати во период од шест години, што дополнително ја покажува потребата од сериозно и континуирано одржување на инфраструктурата.

    Проблеми има и на Коридорот 10д, на железничката линија Велес–Битола, изградена во 1934 година, каде што на одредени делници брзината е ограничена на 20 до 50 километри на час. Иако делницата Битола–Жабени беше реконструирана во 2018 година, на неа нема редовен патнички железнички сообраќај, додека на релацијата Скопје–Кичево воопшто нема сообраќај.

    Ревизорите укажуваат дека состојбата на мрежата е последица и на недостигот од системско планирање на инвестициите и одржувањето.

    Финансиската состојба на претпријатието дополнително ја отежнува реализацијата на инфраструктурните проекти. Во 2024 година ЈП „Железничка инфраструктура“ остварило загуба од 188,8 милиони денари, додека кумулативната загуба достигнала 4,725 милијарди денари.

    Претпријатието бележи загуби во континуитет од 2014 до 2024 година, а најголемата годишна загуба во овој период била забележана во 2023 година, кога изнесувала 674,9 милиони денари.

    Дополнителен проблем е тоа што претпријатието нема донесено петгодишна национална програма за развој на железничката инфраструктура, ниту план за нејзино одржување. Според ревизорските наоди, ваквиот недостиг од стратешко планирање го отежнува утврдувањето на приоритетите и навременото спроведување на неопходните инвестиции.

    Ревизијата утврдила и дека 33 отсто од средствата во подготовка, чија вкупна вредност изнесува 8,898 милијарди денари, се однесуваат на набавки направени пред повеќе од 15 години, кои сè уште не се ставени во употреба. Станува збор за значителни средства врзани во проекти и инвестиции од кои претпријатието досега нема остварено соодветна корист.

    Ревизорите утврдиле неправилности и во управувањето со вработените. Кај 212 вработени не биле исполнети посебните услови за работните места на кои биле распоредени, додека кај 36 вработени не биле исполнети дополнителните услови предвидени за нивните позиции.

    Во 2024 година, 46 вработени биле привремено распоредени на повисоки работни места. Овие наоди се дел од пошироките забелешки за начинот на организирање и управување со претпријатието.

    Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на ЈП „Железничка инфраструктура“. Наодите опфаќаат повеќе области – од кредитното задолжување и реализацијата на капиталните проекти до одржувањето на постојната мрежа, финансиското работење и управувањето со вработените.

    Ревизорскиот извештај потсетува и дека при претходната ревизија во 2010 година биле дадени десет препораки, од кои при проверката во 2013 година само две биле целосно спроведени.

    Состојбата опишана во најновиот извештај покажува дека проблемите во железничката инфраструктура не се изолирани доцнења на поединечни проекти, туку се дел од долготрајни слабости во планирањето, управувањето и одржувањето на системот. Додека изградбата на новите пруги се одолговлекува, а за неискористените кредити се плаќаат милионски провизии, делови од постојната мрежа продолжуваат да се користат со сериозни ограничувања.

    Поврзани вести

    ЕК: Граѓаните плаќаат до 42 отсто од здравствените трошоци од свој џеб, расте бројот на заболени од рак

    05/11/2026

    ЕК: Нема напредок во квалитетот на воздухот, Рашче останува под закана, индустријата директно ги загадува реките

    04/11/2026

    Повеќе од 5.000 корисници на социјална помош биле клиенти на Алта банка

    03/11/2026
    АКТУЕЛНО

    „Добро сум“: Првата реакција на Расел Бренд по пресудата за силување

    06/11/2026

    Објавени конечните резултати од изборите во Србија, Студентската листа освои 140, а „Единствена Србија“ 103 пратеници

    06/11/2026

    Готвач добил отказ бидејќи одбил да стави ананас на пица: „Тоа е навреда за мојата култура“

    06/11/2026

    ДЗР: Железницата плаќа милиони евра за неискористени кредити, а Коридорот 8 доцни со години

    05/11/2026
    НЕ ПРОПУШТАЈ

    Пелистер утре ги пушта во продажба билетите за големото дерби со Вардар

    Сопрен увоз на 22 тони киви, имале ларви и инсекти

    Милошоски: Позицијата на Македонија за апсењето на Мадуро е навремена и правилна

    Advertisement
    Demo
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    • Почетна
    • Технологија
    • Додатоци
    • Мобилни
    © 2026 Rabrovo. Designed by MKNET.

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.