Close Menu
Rabrovo
    Актуелно

    Тие чекаа среќа со години: Сега товарот паѓа од нивните рамена засекогаш

    09/09/2026

    (Фото) Кралицата на раскошните облини се разголи: Ги почасти обожавателите со жешки фотографии за својот 60-ти роденден

    09/09/2026

    Перпарим Бајрами, обвинет во случајот на Државна лотарија, се предал на македонските власти

    09/09/2026
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    RabrovoRabrovo
    • Почетна
    • Македонија
    • Економија
    • Политика
    • Култура
    • Спорт
    • Регион
    • Свет
    • Магазин
    Rabrovo
    Home»Политика»Помодерна и побогата, но со сè помалку жители, статистички портрет на 35 години независна Македонија
    Политика

    Помодерна и побогата, но со сè помалку жители, статистички портрет на 35 години независна Македонија

    08/09/202618 Mins Read
    Facebook Twitter WhatsApp Email

    Три и пол децении по прогласувањето на независноста, животот во Северна Македонија во многу нешта е драматично различен од оној во 1991 година. Денес мобилниот телефон, интернетот, автомобилот и евтините авионски летови се дел од секојдневието. Истовремено, демографската слика е една од најголемите причини за загриженост – земјата старее, бројот на деца се намалува, а стотици илјади граѓани живеат и работат надвор од државата.

    Во истиот период, економијата значително пораснала. Бруто-домашниот производ се зголемил од околу 4,7 милијарди долари на повеќе од 19 милијарди долари, додека просечната нето-плата достигнала над 49.000 денари. Можеби најдобар показател за напредокот е и фактот што очекуваниот животен век е продолжен за околу пет години, од 72 години во 1991 на 77 години во 2024 година. Тоа укажува на подобри услови за живот и подолг животен век на населението.

    Македонија денес е и значително подигитализирана и подобро поврзана со светот. Над 90 отсто од домаќинствата имаат пристап до интернет, бројот на автомобили по жител е речиси тројно поголем отколку во 1991 година, а земјата бележи рекорден број туристи и патници во авиосообраќајот.

    Промени има и во образованието. Бројот на студенти и високообразовни институции е повеќекратно зголемен, но истовремено училиштата се соочуваат со сè помал број ученици поради негативните демографски трендови.

    Бројките покажуваат дека Македонија во изминатите 35 години станала помодерна, поотворена и економски поголема држава. Но, истовремено, намалувањето на населението, иселувањето и стареењето остануваат најголемиот предизвик за идниот развој на земјата.

    Од два милиона жители до преполовен наталитет и демографски пад

    Кога Македонија ја прогласи независноста во 1991 година, во земјата живееја околу два милиона жители – 2.033.964. Првиот официјален попис спроведен по прогласувањето на независноста на земјата е во 1994 година, кога земјата брои 1.945.932 жители.

    Денес официјалната статистика покажува значително поинаква слика. Трендот на стареење на населението, кој е присутен во светски рамки, се забележува и во Македонија. Во периодот од 1994 до 2025 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години во вкупното население е намалено од 20,2 отсто на 16,2 отсто, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11,7 отсто на 18,8 отсто.

    Според последниот попис, спроведен во 2021 година, во земјата биле евидентирани 1.836.713 жители, а последната проценка на населението на Државниот завод за статистика покажува дека на 31 декември 2025 година во Македонија има 1.819.074 жители. За десет години бројот на населението во земјата се намалил за 95.813 лица, односно сме изгубиле население колку Куманово.

    Демографската промена особено се гледа кај најмладите. Од вкупно запишани 249.375 ученици во основните училишта во учебната 2000/2001 година, во учебната 2010/2011 година таа бројка се намалува на 204.439 ученици, а во учебната 2020/2021 година на 187.555 ученици. Негативниот тренд продолжува и во учебната 2025/2026 година, кога во основните училишта имаме вкупно 174.040 ученици. За 25 години бројот на ученици во основните училишта е намален за 75.335 ученици, односно за 30,21 отсто.

    Природниот прираст, според податоците на Државниот завод за статистика, во 1991 година е позитивен и изнесува 9,8 лица на 1.000 жители, додека во 2025 година државата бележи негативен природен прираст од -2,4 лица на 1.000 жители. Природниот прираст од независноста на државата е во постојан пад, а по 2019 година имаме негативен природен прираст.

    Стапката на наталитет во периодот од независноста досега бележи тренд на опаѓање и речиси е преполовена. Бројот на живородени на 1.000 жители е намален од 17,1 во 1991 година, на 13,3 во 2001 година, 11,1 во 2011 година, сè до 8,7 во 2025 година. Само во последните десет години, во периодот од 2015 до 2025 година, бројот на живородените деца се намалил за 7.225.

    Тоа значи дека во Македонија денес се раѓаат и живеат сè помалку луѓе од пред 35 години, а демографскиот пад станува економски и општествен проблем.

    Дополнително, и бројот на бракови споредено со 1994 година е намален за една третина, додека разводите се зголемиле за над 250 отсто. Тоа значи дека луѓето сè потешко се одлучуваат за стапување во брак, а сè полесно се одлучуваат да го раскинат бракот.

    Според првите статистички податоци, бројката на склучени бракови во 1994 година изнесувала 15.736, а на разводи 612, додека во 2025 година склучени се 10.507 бракови и 2.185 разводи.

    Разводите денес се значително почести во однос на бројот на новосклучени бракови. Учеството на разводите во однос на вкупниот број склучени бракови пораснало од 3,9 отсто на 20,8 отсто, што е за 5,3 пати повеќе.

    Платата – од недостиг на стабилност до близу 50.000 денари

    Една од најголемите промени во изминатите 35 години е номиналниот раст на платите.

    Директната споредба со 1991 година мора да се прави внимателно поради деноминациите, инфлацијата и промените во статистичката методологија. Сепак, разликата во номиналните износи е голема.

    Просечната нето-плата по вработен во 1993 година изнесувала 3.782 денари, додека во 2025 година изнесувала 45.198 денари, а последните податоци покажуваат дека таа изнесува речиси 50.000 денари.

    Во периодот 1993–2015 година, според статистиката, се забележува номинално зголемување на просечната нето-плата од 479 отсто и реален пораст од 45 отсто. Во 2015 година исплатената нето-плата изнесувала 21.906 денари, што значи дека платата во последните десет години има номинален раст од 106 отсто, додека проценката за чистиот реален пораст на стандардот е околу 30 до 35 отсто.

    Сепак, улогата на инфлацијата покажува дека на хартија платите во првите 20 години од независноста се зголемиле речиси шестпати, но куповната моќ пораснала за околу 45 отсто, додека само во последните десет години платите номинално се удвоиле, но реално стандардот пораснал за околу една третина.

    Просечниот вкупен расположлив приход по домаќинство, само од 2010 до 2024 година, е речиси дуплиран – од околу 280.000 денари во 2010 година на речиси 600.000 денари во 2024 година.

    Но, повисоката плата не значи автоматски и пропорционално повисок животен стандард. Во изминатите 35 години пораснаа и цените, особено на домувањето, храната и услугите. Затоа вистинската споредба не е само „колку денари заработувал човек тогаш и колку денес“, туку колку производи и услуги можел да купи со една просечна плата.

    Низ годините пазарната вредност, стабилноста на валутата и цените на производите драстично се разликуваат. Додека во 90-тите години Македонија се соочуваше со хиперинфлација и транзиција, во 2025 година се забележува номинално повисока плата и стабилен курс, но под притисок од растот на трошоците за живот.

    Храната по осамостојувањето е релативно евтина во однос на другите добра. Со една просечна плата во 1995 година можеле да се купат околу 750 векни леб или околу 220 литри зејтин, додека денес може да се купат околу 900 векни леб или над 480 литри зејтин.

    Денес технологијата е масовно достапна и поевтина. Со една просечна плата денес можете да купите два телевизори или две машини за перење од средна класа, додека за да се купи телевизор во боја или машина за перење во 1991/1995 година биле потребни две до три цели просечни плати.

    За најевтиниот нов автомобил на пазарот во 1991/1995 година, на пример „Југо Корал 45“, биле потребни околу 30 до 33 тогашни просечни плати, додека денес за нов автомобил во економска класа, кои чинат помеѓу 15.000 и 20.000 евра, се потребни помеѓу 20 и 28 просечни плати.

    БДП – мала економија, но значително поголема од почетокот на независноста

    И економската големина на државата е значително променета.

    Бруто-домашниот производ, според податоците на Државниот завод за статистика, во 1991 година изнесува 968 милиони денари, во 2000 година се зголемува на 248.646 милиони денари, а во 2010 година достигнува 437.295 милиони денари. Во 2020 година БДП-то на земјата достигнува 669.280 милиони денари, за во 2025 година да порасне на 1.043.880 милиони денари.

    Според податоците на Светската банка, БДП на Македонија во 2025 година достигнал околу 19,1 милијарди американски долари, а БДП по жител околу 10.490 долари. За споредба, во 1990 година БДП изнесувал околу 4,7 милијарди долари, а БДП по жител околу 2.277 долари, според податоците на Светската банка.

    Бруто-домашниот производ од независноста до 1995 година е негативен, по што следи благ раст и повторно негатива во 2001 година од -3,1 отсто. Македонската економија во просек растела со околу 3,1 отсто годишно во периодот 2002–2019 година, за во 2020 година повторно да се намали за -4,7 отсто, по што повторно следува раст во следните пет години.

    Во изминатите 35 години има и значителна промена на структурата на БДП. Така, во 1991 година 29,8 отсто од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11,4 отсто на земјоделството, а 56,8 отсто на секторот услуги. Во 2010 година, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24,3 отсто, земјоделството 9,8 отсто, а услугите 65,9 отсто. Во структурата на бруто-домашниот производ во 2024 година најголемо учество од 56,2 отсто има секторот услуги. Индустријата и градежништвото учествуваат со 24,1 отсто, а секторот земјоделство со 6,1 отсто.

    Во 2025 година најголем удел во структурата на БДП имаат услугите, со 57 отсто, потоа индустријата и градежништвото со 24,1 отсто, нето-даноците со 13 отсто и земјоделството, шумарството и рибарството со 6 отсто.

    Тоа значи дека Македонија се трансформирала од економија во која индустријата и земјоделството заедно сочинувале над 40 отсто од активноста, во економија во која услугите се доминантен двигател на растот. Земјоделството речиси го преполовило своето учество, индустријата го задржала уделот околу една четвртина од БДП, а услугите станале главен носител на економската активност и вработеноста.

    Македонија бележи бавно, но континуирано приближување кон просекот на ЕУ по БДП по глава на жител. Нивото на бруто-домашниот производ на Република Македонија по жител, изразен во волуменски индекси на БДП по глава на жител, во 2005 година е 70 отсто под просекот на Европската Унија, во 2015 година е 63 отсто, додека во 2025 година е 57 отсто под просекот на Европската Унија. Тоа значи дека просечниот жител на ЕУ има повеќе од двојно повисок економски производ по жител од македонскиот.

    Надворешно-трговската размена на Македонија во изминатиот 35-годишен период се карактеризира со континуирано зголемување на обемот на стоковната размена, со паралелно зголемување на вредноста и на увозот и на извозот. Од по околу 1,2 милијарди долари увоз и извоз на стоки во 1991 година, во 2025 година извозот достигнува околу девет милијарди долари, додека увозот околу 13 милијарди долари.

    Најголемата промена во македонската надворешна трговија по независноста не е само растот на обемот, туку промената на нејзината структура. Македонија од економија што во 1991 година зависела од југословенскиот пазар и извезувала текстил, тутун и метали, прераснува во економија длабоко поврзана со европската автомобилска индустрија и пазарот на ЕУ. Сепак, еден проблем останува непроменет повеќе од три децении: земјата речиси постојано увезува повеќе отколку што извезува, односно има хроничен трговски дефицит.

    Во периодот јануари–декември 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,8 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,9 отсто во вкупната размена.

    Македонија на четири тркала

    Во 1991 година автомобилот сè уште бил значаен статусен симбол и во многу семејства едно возило го користело целото домаќинство.

    Денес ситуацијата е сосема поинаква. Македонија по независноста била земја со релативно низок степен на моторизација, типичен за доцната Југославија. Денес бројот на автомобили по жител е повеќекратно поголем и автомобилот станал основно превозно средство за најголем дел од населението.

    Од независноста до денес, бројот на автомобили по жител во Македонија се зголемил приближно 2,5 пати. Од 122 автомобили на 1.000 жители во 1991 година, во 2025 година имаме 338 автомобили на 1.000 жители.

    Возниот парк се проширил побрзо од растот на населението, што покажува значително зголемување на достапноста на автомобилите и раст на потрошувачката моќ.

    Должината на автопатите во Македонија од независноста до 2025 година, исто така, е зголемена, од приближно 120 километри на околу 347 километри, што значи дека мрежата е повеќе од двојно проширена. Најголемиот дел од таа експанзија се случил по 2005 година и во 2010 година достигнува 251 километар.

    Од „стојадин“, „југо“ и „голф“ до електрични автомобили, SUV-модели и возила со дигитални системи за асистенција – промената во автомобилскиот парк е една од највидливите слики на 35-годишната трансформација.

    Во 2025 година во земјата биле регистрирани 727.240 патни моторни возила, од кои 615.382 биле патнички автомобили. Од нив најголемиот дел се дизел, со 63,8 отсто, и бензин, со 25,7 отсто, додека електричните и хибридните возила учествуваат со околу 1,5 отсто.

    Од чекање телефонска линија до интернет во секој дом

    Ако постои една област во која промената е речиси невозможно да се измери само со статистика, тоа е технологијата.

    Во 1991 година фиксниот телефон беше основната комуникациска алатка, телевизорот имаше ограничен број канали, а компјутерот беше далеку од секојдневниот живот на просечното домаќинство.

    Денес мобилниот телефон е истовремено телефон, фотоапарат, телевизор, навигатор, банка, билетарница и пристап до светот.

    Според Светската банка, во 2025 година 93 отсто од населението во Северна Македонија користело интернет.

    Тоа е можеби најголемата технолошка промена во секојдневниот живот во периодот на независноста.

    Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година 91,2 отсто од домаќинствата имале пристап до интернет дома, 79,1 отсто од населението користело интернет неколку пати дневно, а 60,3 отсто од граѓаните нарачале или купиле производи/услуги преку интернет во последните 12 месеци.

    Ова покажува дека Македонија е блиску до просекот на ЕУ во користењето интернет и дека онлајн купувањето станало масовна појава.

    Од неколку илјади студенти до масовно високо образование

    Промената е голема и во образованието.

    Државните статистички податоци покажуваат дека во учебната 1991/1992 година на високообразовните установи имало околу 27.000 студенти на универзитетско образование, а денес бројот на високообразовните студенти е повеќе од двојно поголем во однос на почетокот на независноста.

    Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на пораст на запишани студенти на високите стручни школи и факултетите е многу поголема од онаа на учениците во средните училишта. Во академската 1991/1992 година биле запишани приближно 27.027 студенти, за во академската 2025/2026 година таа бројка да се зголеми на 55.036 студенти, што е раст од околу 103 отсто.

    Во основното образование, од година на година се намалува бројот на влезната генерација, како и вкупниот број ученици. Бројот на запишани ученици во основно образование во учебната 2025/2026 година е помал за 6,5 отсто во споредба со 2015/2016 година. Состојбата со запишаните ученици во средното образование, исто така, бележи намалување. Бројот на запишани ученици во средното образование во учебната 2025/2026 година, во споредба со 2015/2016 година, е намален за 15,9 отсто. Бројот на запишани студенти во 2025/2026 година е намален за 8 отсто во споредба со 2015/2016 година.

    Историските статистички податоци покажуваат и драматичен пораст на бројот на високообразовни институции. Од 26 факултети и 1.108 професори во 1991/1992 година, бројот постепено растел, паралелно со масовното ширење на високото образование. Во 2025/2026 година има 128 факултети со 3.339 професори.

    Во годините од независноста бројот на дипломирани студенти во високообразовните установи значително е зголемен. Од 91 дипломиран доктор, 100 магистри и 4 специјалисти во 1991 година, во 2015 година имаме 246 дипломирани доктори, 2.202 магистри и 238 специјалисти. Во 2025 година звањето доктор на науки го стекнале 245 лица, звањето магистер на науки 1.558, а звањето специјалист 297 лица.

    Но, тука повторно се појавува демографскиот парадокс: Македонија денес има многу повеќе можности за високо образование, но има сè помалку млади луѓе.

    Македонија како туристичка дестинација

    И туризмот претрпе голема трансформација.

    Во 1991 година Македонија регистрирала околу 710 илјади туристи, од кои 415.955 домашни и 294.323 странски. Вкупниот број ноќевања бил околу 2,74 милиони.

    Во 2025 година, според Државниот завод за статистика, земјата регистрирала 1.336.597 туристи, од кои 31,5 отсто се домашни туристи, а 68,5 отсто се странски туристи. Во споредба со претходната година, се забележува зголемување на странските туристи за 10,3 отсто.

    Бројот на ноќевањата во 2025 година изнесува 3.323.210, од кои 50,9 отсто се од домашните туристи, а 49,1 отсто од странските туристи. Во споредба со претходната година, бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 6,4 отсто.

    Тоа значи дека за 35 години бројот на туристи е значително зголемен, но структурата е драматично променета: странските туристи денес се речиси двојно побројни од домашните.

    Македонија од земја чиј туризам во голема мера се потпираше на домашните гости и туристите од поранешна Југославија, постепено се претвори во дестинација за туристи од Турција, Србија, Грција, Бугарија, Полска, Германија и други земји.

    Во првите 25 години Република Македонија ја посетиле 5.812.614 странски туристи, кои оствариле во просек по 2,2 ноќевања. Оваа бројка е дуплирана во последните десет години, кога вкупно 6.521.038 странски туристи ја посетиле Македонија од 2015 до 2025 година.

    Во 2025 година Македонија привлекува 3,1 пати повеќе странски туристи отколку во годината на независноста. И покрај падот за време на пандемијата во 2020 и 2021 година, туризмот силно се опоравил и во 2025 година достигнал историски рекорд со околу 916 илјади странски туристи, што е речиси двојно повеќе отколку во 2015 година и повеќе од трипати повеќе отколку во 1991 година.

    Патувањата – од пасош и визи до евтини летови

    И начинот на кој граѓаните патуваат е речиси непрепознатлив. Во првите години од независноста патувањето во странство значеше долги патувања со автомобил или автобус, ограничени авионски линии и многу посложени административни процедури.

    Денес граѓаните можат за неколку часа да стигнат до голем број европски дестинации со директни или нискобуџетни летови. Интернетот овозможи хотелот, авионскиот билет, осигурувањето и превозот да се резервираат од мобилен телефон.

    Патувањето од луксуз и исклучок стана многу подостапна форма на потрошувачка.

    Авиосообраќајот е една од областите каде Македонија доживеала најголема трансформација по независноста. Од земја со ограничен број линии и претежно југословенска мрежа, Македонија прерасна во пазар поврзан со десетици европски градови и со над 3,5 милиони патници годишно.

    Најголемата пресвртница беше периодот по 2010 година со преземањето од ТАВ, изградбата на новиот терминал и доаѓањето на нискобуџетните авиокомпании.

    Во 2019 година аеродромот во Скопје првпат надминал два милиони патници, додека во 2025 година земјата има рекорден број патници и повеќе од 50 директни редовни и сезонски дестинации.

    Но, што е со животниот стандард?

    Тука одговорот не е едноставен.

    Во 35 години Македонија доби модерни автомобили, мобилна телефонија, интернет, повеќе факултети, поголем туристички сектор, подобра инфраструктура, повеќе трговски центри и далеку поголема поврзаност со Европа.

    Но, истовремено, останаа или се појавија нови проблеми – ниската продуктивност, иселувањето, стареењето на населението, нерамномерниот регионален развој, ниската куповна моќ за дел од населението и високата зависност од увоз.

    Денес државата има повеќе автомобили, но и повеќе сообраќај. Има повеќе туристи, но помалку жители. Има повеќе дипломирани, но дел од најобразованите заминуваат во странство. Има многу поголем БДП, но и многу повисоки трошоци за живот.

    Порастот на инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на животот во Македонија, беше највисок во првите четири години од осамостојувањето и тоа 110,8 отсто во 1991 година, 1.511,3 отсто во 1992 година, 362 отсто во 1993 година и 128,3 отсто во 1994 година. Од 2011 до 2015 година бележиме ниска стапка на инфлација. Во 2015 и 2016 година беше регистрирана дури и блага дефлација, додека во 2022 година следува ценовен шок и годишна инфлација од 14,2 отсто, што е највисока од почетокот на 2000 година. Стапката почна да се намалува и во 2024 година имаме 3,5 отсто, а во 2025 година 4,1 отсто инфлација.

    Кога се разгледува промената на навиките на потрошувачите, не може да се занемари фактот дека некои производи кои сега се присутни во домаќинствата, пред дваесетина години воопшто не се употребуваа. Во 2000 година, 7,9 отсто од домаќинствата располагаа со персонален компјутер поврзан на интернет, во 2010 година 47 отсто, додека во 2015 година 63 отсто. Патнички автомобил во 1995 година имале помалку од половина домаќинства, односно 46,4 отсто, додека во 2015 година 56,5 отсто. Во 2000 година само 5,2 отсто од домаќинствата поседуваа барем еден мобилен телефон, а во 2015 година 85,6 отсто.

    Висината на цените влијае на количината на производи кои можат да се купат со една просечна плата. На пример, во 2011 година со една просечна нето-плата можеле да се купат 249 литри масло за јадење, а во 2015 година 337 литри. Во 2015 година, со една просечна нето-плата граѓаните можеле да купат 438 килограми леб, што е за 47 килограми повеќе отколку во 2011 година. Во 2025 година, со една просечна нето-плата, граѓаните можеле да купат приближно 520 литри масло за јадење и околу 690 килограми леб.

    Просечното домаќинство во Македонија наменува околу 66,9 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби како храна, облека, домување и покуќнина. Во структурата на приходите, во 2025 година преовладуваат примањата врз основа на редовна и повремена работа со 68,9 отсто, пензиите учествуваат со 23,7 отсто, примањата од земјоделството со 4,3 отсто, примањата од странство со 1,1 отсто и социјалните бенефиции со 0,7 отсто.

    35 години независност – две лица на една држава

    Бројките покажуваат дека Македонија во 35 години не останала иста земја. Економијата е поголема, платите се номинално многу повисоки, бројот на автомобили е драстично зголемен, интернетот стана масовен, високообразовниот систем се прошири, а бројот на странски туристи достигна историски нивоа.

    Но, демографската статистика испраќа поинаква порака. Од околу два милиона жители во почетокот на независноста, земјата стигна до околу 1,8 милиони жители. И тоа станува голем предизвик. Но, тоа не е случај само со Македонија. Така, Бугарија денес има околу седум милиони жители наспроти 9 милиони во 1990 година, а, на пример, Романија, која во 1990 година имаше 22 милиони жители, денес брои нешто над 20 милиони. Тој тренд е еден од предизвиците и за нашата држава.

    МИА

     

    Поврзани вести

    Европска иднина, силна држава и одговорност кон идентитетот, порака од државниот врв за 35 години независна Македонија

    08/09/2026

    Кај Сиљановска панел за 8 Септември низ призмата на непосредните учесници и сведоци

    07/09/2026

    Гаши по повод 8 Септември: Државата не се гради со еден акт, туку секој ден со институции, доверба и одговорност

    07/09/2026
    АКТУЕЛНО

    Тие чекаа среќа со години: Сега товарот паѓа од нивните рамена засекогаш

    09/09/2026

    (Фото) Кралицата на раскошните облини се разголи: Ги почасти обожавателите со жешки фотографии за својот 60-ти роденден

    09/09/2026

    Перпарим Бајрами, обвинет во случајот на Државна лотарија, се предал на македонските власти

    09/09/2026

    Европска иднина, силна држава и одговорност кон идентитетот, порака од државниот врв за 35 години независна Македонија

    08/09/2026
    НЕ ПРОПУШТАЈ

    Сиљановска-Давкова го честиташе 23 Октомври: Имаме обврска да продолжиме, но не со оружје, туку со реформи

    За нив добриот разговор е поважен од сексот – дали сте меѓу овие четири знаци?

    Раја по третпат ја освои „Златната ракавица“ во Премиерлигата

    Advertisement
    Demo
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    • Почетна
    • Технологија
    • Додатоци
    • Мобилни
    © 2026 Rabrovo. Designed by MKNET.

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.