Се разговараше за чувството на безбедност, како во училиштата, така и надвор од нив, за медиумската писменост во амбиент на информативна хиперпродукција, притисокот да се биде успешен во не секогаш рамноправен натпревар, за односот на младите кон пушењето и марихуаната и развивањето свест и отпорност кон зависноста.
Младите соговорници изразија аргументирани ставови за причините за стравот, насилството и несигурноста, начинот на справувањето со нив, како и можните излезни решенија за нивно редуцирање и надминување.
Претседателката ги спореди состојбите од нејзината средношколска младост со актуелните, заклучувајќи дека младешкиот живот на нејзината генерација бил далеку побезбеден и помирен од сегашниот.
Во однос на прашањето за медиумската писменост, младите укажаа на недоволната писменост кај поголем дел од постарите генерации, од една страна, но и реалната неможност да се разграничат релевантните од нерелевантните информации, како и вистината од невистината.
Речиси сите укажаа на потребата од креирање механизми за критичка евалуација на прочитаното, виденото и чуеното, како и мудро и внимателно користење на вештачката интелигенција, со оглед на нејзините две лица: лицето на корисна алатка, но и заканата по човековата мисла.
Претседателката укажа на презаситеноста на медиумскиот простор со политика и недозволиво отсуство на информации од областа на науката, културата, образованието и спортот.
Средношколците отворено говореа за тешкиот притисок да се биде успешен според не секогаш кредибилни стандарди, но и непотистички, партиски и политички влијанија во евалуацијата.
Во низата индивидуални видувања за цигарите и марихуаната, се чини како да се исфилтрира заеднички став дека забраните и санкциите не секогаш се добро решение, како и дека од најраните школски денови треба да се гради свест за можните последици од зависностите.
Најважното за сите е дека, наместо држење лекции за иднината што ќе им припаѓа на младите, тие мора да се вклучат во креирањето политики и одлучувањето за сегашноста.
Ова е прва средба на Сиљановска-Давкова со средношколците, но таа вети дека нивните средби ќе зачестат. Сиљановска ги покани средношколците да бидат редовни гости во просторот на „Рекорд“ кој некогаш беше Народна канцеларија.
Средбата беше организирана од Советот за млади при кабинетот на претседателката.

