
Со измените на медиумската легислатива што стапија на сила во јули 2023 година, за првпат официјално се признава постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини и јутјуберите како даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Со тоа, овие физички лица стануваат предмет на регулација и имаат законска обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Обврската за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се однесува на оние креатори на содржини кои ги исполнуваат следните критериуми: услугите ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа како YouTube, Instagram, TikTok и слични; имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници; остваруваат економски интерес од својата медиумска активност; во последните 12 месеци имаат објавено најмалку 24 аудиовизуелни содржини и нивната цел е да информираат, образуваат или забавуваат, при што имаат уредничка одговорност за објавените содржини.
Од АВМУ појаснуваат дека критериумите се подетално разработени во Правилникот со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање, а кој е достапен на нивната официјална веб-страница.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат условите, во најкус можен рок да достават пријава за евидентирање во Регистарот.

