Close Menu
Rabrovo
    Актуелно

    Ричард Гир наполни 77 години, сопругата објави фотографии од семејната прослава

    01/09/2026

    Ќерката на Брижит Макрон ja објави врската со 20 години помлад маж

    01/09/2026

    Муцунски – Берсе: Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е од особена важност

    01/09/2026
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    RabrovoRabrovo
    • Почетна
    • Македонија
    • Економија
    • Политика
    • Култура
    • Спорт
    • Регион
    • Свет
    • Магазин
    Rabrovo
    Home»Култура»Објавен нов осврт кон романот „Столб што пее“ на Томислав Османли
    Култура

    Објавен нов осврт кон романот „Столб што пее“ на Томислав Османли

    28/12/20254 Mins Read
    Facebook Twitter WhatsApp Email

    Во најновиот број на прилогот „Култура, уметност и наука“, белградскиот весник „Политика“ под насловот „ Ода кон источниот Медитеран “ објави осврт кон српското издание на романот „Столб што пее“ од Томислав Османли.

    Романот, во превод на писателот и преведувач Сашо Огненовски, неодамна го објави новосадското книгоиздателство „Агора“ . По подеднакво содржајната рецензија објавена пред три месеци во угледниот белградски дневник „Danas“, новиот осврт во „Политика“ донесува уште едно комплексно согледување на романот „Столб што пее“, од перото на истакнатата критичарка Александра Ѓуричиќ. Авторката на текстот е писателка, драматург, музиколог и поранешна уредничка и редовна соработничка на рубриките за култура на весникот „Политика“, во еден од кои сега го објавува својот осврт кон книжевните вредности на македонскиот роман.

    „Новиот роман од познатиот и наградуван македонски прозаист и драматург Томислав Османли (1956, Битола) тешко е да се дефинира жанровски, но се чита како песна во проза, ода за Источниот Медитеран – го започнува својот текст книжевната критичарка и продолжува – Тука тој ги сместува своите херои, историски личности и фиктивни ликови чии судбини добро ги познава или ѝ препушта на имагинацијата да ги пополни изгубените делови од овој медитерански палимпсест. (…) Мозаикот од приказни се слева во сферата на времето во која е сѐ возможно симултано, во која човечките трагедии се повторуваат но и секогаш одново се разгорува надежта во убавината и вербата во живот“.

    Откако ќе укаже на централниот, меѓу повеќето главни ликови на романот „Столб што пее“, мелопоетот Сејкил кој живеел во првиот век од нашава ера во античкиот град Тралејс во Мала Азија, денешен Ајдин во Турција и, парадоксално, успеал да остави еден оптимистички музичко-поетски запис – на својот посмртен столбец што преживеал столетија, војни и пожари, а ќе биде пронајден во мугрите на Дваесеттиот век, Ѓуричиќ укажува на нововековните воени трагедии на тој простор во кој, истакнува таа: „…се поништува сета убавина на преплетените вери и култури на која Османли, со нескриено перо на поет, ѝ се восхитува. (…) тој во својот роман ја зема нетрпеливоста како некој вид лајтмотив што го следи човечкиот род… Пораката пренесена и низ мелодијата на старогрчката пентатоника, одѕвонува низ целото дело, во хроматските варијанти на различните епохи, сѐ до епизодата за младиот човек бегалец од Алепо кој преку Турција, Грција и Македонија се префрла во Србија и тука во еден бегалски камп чека дозвола да продолжи натаму и да го пронајде своето семејство.“

    Ваквите лични трагедии, коментира критичарката Александра Ѓуричиќ, отсекогаш најдобро ја одразувале суровата историја на војните и на етничките чистења кои, и покрај тоа што никогаш не му донеле ништо добро никому, сè уште тврдокорно се случуваат и денес, со истата ѕверска насилност, како во античките времиња или во која било друга ера на човечката историја:

    „Преку ликот на Сејкил, се чини дека нѝ се обраќа самиот автор, со своето кредо за животот, времето и минливоста, во кое ја оспорува познатата реченица на Хераклит за невозможноста за повторно влегување во истата река. Сосема спротивно, ние постојано влегуваме во истата вода, во време кое не тече праволиниски туку е сферично, затворајќи ги круговите на истите човечки надежи и грешки, секогаш враќајќи нè кон нови почетоци затоа што ‘ старата река што останува вечно иста / слободно ти стапни во неа, / таа е секогаш чиста’ “

    Ѓуричиќ посебно ја истакнува: „Необичната, мозаична градба на романот, (која) ѝ се должи на фрагментарната постапка, но и ѝ се опира на секоја теоретска класификација и на веќе премногу користните термини постодерна и интертекстуалност, ја олицетворува авторова слобода содржината сосем да ѝ ја подреди на формата. Оваа книга имено не е само за читање, туку и за слушање, а на каков тоа начин на внимателниот читател таа ќе му ја отпее својата химна, тоа нека остане загатка и само една од бројните причини поради кои таа треба да се чита и како роман и како хроника, па и како хрестоматија на записи за страдањето и за искупувањето.“ – заклучува критичарката на „Политика“ во својот содржаен книжевен осврт кон македонскиот роман „Столб што пее“.

    Инаку, „Столб што пее“, во превод на писателот Сашо Огненовски, пред пет месеци во Србија ја објави угледната издавачка куќа „Агора“, а нешто пред тоа и грчката издавачка куќа Literatus од Солун каде што, инаку, во мај беше промовирана и на годинашниов Меѓународен Саем на книгата. Српскиот издавач на македонскиот роман, пред три години го публикуваше и „Брод. Конзархија“, дистопискиот роман на истиот македонски автор во издание за кое на Томислав Османли му припадна меѓународната наградата Zheng Niang за најдобар роман (еx aequo, со автор од Романија), на книжевниот конкурс што се распишува во Кина а потоа доживеа и објава во Русија.

    Поврзани вести

    Љутков-Раев: Во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена

    10/07/2026

    На 12 јули започнува 66. „Охридско лето“

    10/07/2026

    Изложба на Роберт Цветковски и Архикс Студио во КИЦ Белград

    10/07/2026
    АКТУЕЛНО

    Ричард Гир наполни 77 години, сопругата објави фотографии од семејната прослава

    01/09/2026

    Ќерката на Брижит Макрон ja објави врската со 20 години помлад маж

    01/09/2026

    Муцунски – Берсе: Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е од особена важност

    01/09/2026

    Димитриевски: Коалицијата и на централно и на локално ниво функционира

    01/09/2026
    НЕ ПРОПУШТАЈ

    Директорот и управителот на „Комунална хигиена“ добија 30 дена притвор

    Протести во Белград, граѓаните и студентите не дозволуваат рушење на зградата на Генералштабот

    Поезија над јазичните бариери: „Јуроп хаус“ го одбележа Светскиот ден на поезијата

    Advertisement
    Demo
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    • Почетна
    • Технологија
    • Додатоци
    • Мобилни
    © 2026 Rabrovo. Designed by MKNET.

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.