Согласно Изборниот законик, за да се избере градоначалник на повтореното гласање потребно е за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од граѓаните што ќе излезат на изборите.
Гласањето почна во 7 часот, а избирачките места се затвораат во 19 часот. Гласачите на избирачките места ќе се идентификуваат со важечки лични документи – лична карта или пасош, а исто така нивниот идентитет ќе се потврди и со апаратите за биометриска идентификација.
Вчера во овие општини гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека вчера до 19.00 часот од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар. Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите денеска по 19 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Според податоците од ДИК, во овие четири општини во првиот круг на 19 октомври лани не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни. Во Гостивар одѕивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.

