Репрезентацијата на Македонија до 21 година на 13 и 18 ноември ќе биде домаќин на два квалификациски натпревари за Европското првенство 2027 против селекциите на Шведска и Полска. Двата натпревара ќе се одиграат на стадионот „Петар Милошевски“ во Скопје.
„Анализирајќи ги претходните четири натпревари, можам да кажам дека резултатски не сум задоволен. Според прикажаната игра на теренот, заслуживме најмалку четири бода повеќе во дуелите со многу силни противници, кои се фаворити во нашата група. Сепак, скапо нè чинеа неколку индивидуални грешки. Против квалитетни репрезентации како овие со кои играме, нема простор за такви пропусти.
Нè очекуваат два тешки натпревари против селекции кои играат модерен и брз фудбал, но ние имаме квалитет да се спротивставиме на било кој противник. Ќе играме храбро, како и на секој натпревар и целта ни е да постигнеме позитивен резултат.
Што се однесува до составот, повик добија двајца нови фудбалери кои со своите игри во клубовите го заслужија повикот, Матео Софијаноски од Македонија Ѓ.П. и Реџеп Мурати од Башкими. Добро е што сите останати фудбалери имаат солидна минутажа во своите клубови и со тоа ја одржуваат формата на потребното ниво за ваков тип на натпревари“, изјави Станиќ.

