Бројот на пријавените случаи на семејно насилство во Македонија е зголемен за 70 отсто во првите десет месеци од 2026 година во споредба со истиот период лани. Според податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР), од јануари до октомври годинава биле регистрирани 1.897 настани поврзани со семејно насилство, наспроти 1.125 во истиот период во 2025 година.
Во првите десет месеци од годинава биле регистрирани 1.489 кривични дела, за кои биле поднесени 1.450 кривични пријави.
Биле преземени мерки за кривичен прогон против 1.521 сторител, што претставува зголемување од 48 отсто во споредба со 2025 година. Најголем дел од кривичните дела биле регистрирани на подрачјето на СВР Скопје.
Според МВР, зголемен е и бројот на постапките по итна, односно брза постапка. Во десетте месеци од 2026 година биле поднесени 153 кривични пријави по брза постапка, наспроти 59 во истиот период минатата година, што претставува раст од 160 отсто. Најголем број од овие пријави, 65, биле поднесени на подрачјето на СВР Скопје.
МВР бележи и зголемување на изречените мерки. Притвор бил определен за 163 сторители, а за 167 сторители биле определени мерки на претпазливост и итни мерки, меѓу кои отстранување од домот и забрана за приближување.
Покрај кривичните дела, во првите десет месеци од годинава биле регистрирани и 182 прекршоци поврзани со семејно насилство, за кои биле пријавени 221 сторител. Евидентирани биле 214 жртви. Најзастапени прекршоци биле физички напад, со 65 случаи, карање и викање на јавно место, со 45 случаи, и учество во тепачка, со 36 случаи.
Истовремено, бројот на поплаките со елементи на семејно насилство е намален за 7,2 отсто. Во анализираниот период биле регистрирани 4.466 поплаки, наспроти 4.813 во истиот период во 2025 година. Како жртви во овие случаи биле евидентирани 4.579 лица, а 40 отсто од поплаките биле регистрирани на подрачјето на СВР Скопје.
Долгорочната статистика на МВР покажува дека во периодот од 2021 до 2025 година биле регистрирани 5.537 кривични дела поврзани со семејно насилство, 5.699 сторители и 5.890 жртви.
Во просек, годишно биле евидентирани околу 1.107 кривични дела, односно приближно три кривични дела дневно. Според анализата, на дневно ниво биле регистрирани најмалку три жртви.
Жените се најзастапени меѓу жртвите, со 79 отсто од вкупниот број. Од 5.890 жртви во петгодишниот период, 4.658 биле жени, а 1.232 мажи.
Од друга страна, 91 отсто од вкупно 5.699 регистрирани сторители биле мажи.
Од вкупно 5.537 дела, 3.347 се однесувале на телесна повреда при вршење семејно насилство, а 1.979 на загрозување на сигурноста. Во периодот од 2021 до 2025 година биле регистрирани и 1.627 прекршоци со елементи на семејно насилство, односно во просек по еден дневно.
Во истиот петгодишен период биле евидентирани 23.642 поплаки поврзани со семејно насилство.

