Close Menu
Rabrovo
    Актуелно

    Ричард Гир наполни 77 години, сопругата објави фотографии од семејната прослава

    01/09/2026

    Ќерката на Брижит Макрон ja објави врската со 20 години помлад маж

    01/09/2026

    Муцунски – Берсе: Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е од особена важност

    01/09/2026
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    RabrovoRabrovo
    • Почетна
    • Македонија
    • Економија
    • Политика
    • Култура
    • Спорт
    • Регион
    • Свет
    • Магазин
    Rabrovo
    Home»Македонија»Седум нови случаи на Западен Нил за една недела, тројца пациенти се интубирани
    Македонија

    Седум нови случаи на Западен Нил за една недела, тројца пациенти се интубирани

    07/08/20264 Mins Read
    Facebook Twitter WhatsApp Email

    Уште седум случаи на инфекција со вирусот Западен Нил се регистрирани во земјава во текот на изминатата недела, со што вкупниот број од почетокот на годинава се искачи на 20, соопшти Министерството за здравство.

    Сите новозаболени се жители на Скопје на возраст од 60 до 84 години и се хоспитализирани. По два случаи се регистрирани во општините Кисела Вода и Гази Баба, а по еден во Илинден, Бутел и Аеродром.

    На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се лекуваат 16 пациенти. Кај 15 инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден пациент за кој постои сомнение се очекуваат резултатите од испитувањата.

    Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани. Според Министерството, станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања. Останатите хоспитализирани се во стабилна состојба и добиваат соодветен третман.

    Бројот на критично болни е непроменет во споредба со состојбата од пред една недела, но значително се зголемени вкупниот број случаи и бројот на пациенти на болничко лекување. Заклучно со 30 јули во земјава имаше 13 потврдени случаи и десет хоспитализирани пациенти. Оттогаш се регистрирани уште седум случаи, а бројот на хоспитализирани е зголемен за шест.

    Првиот случај годинава бил пријавен на 15 мај кај пациент од Велес. Во извештајот објавен на 27 јули, Институтот за јавно здравје наведе дека тоа бил првиот регистриран случај кај човек во европскиот регион во сезоната на пренесување во 2026 година.

    Од првите осум случаи што до тој момент биле евидентирани во Македонија, шест биле локално стекнати во Скопје и Велес. Еден пациент од Скопје престојувал во Грција, но периодот на инкубација го опфаќал и неговиот престој во Македонија. Кај сите осум пациенти била регистрирана невроинвазивна форма на инфекцијата и сите биле хоспитализирани.

    Значително повеќе случаи од претходните две сезони

    Западнонилската треска првпат била регистрирана во Македонија во 2011 година. Од тогаш до крајот на 2025 година биле потврдени 54 случаи и пет смртни случаи поврзани со заболувањето, покажуваат податоците на ИЈЗ.

    Според историските податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), во Македонија во 2024 и во 2025 година биле пријавени по два локално стекнати случаи. Во 2024 година бил регистриран и еден смртен исход.

    Во европскиот пресек заклучно со 5 август, објавен пред најновото соопштение на Министерството, биле евидентирани 241 локално стекнат случај во седум земји. Од нив, 139 биле во Италија, 61 во Грција, 17 во Шпанија, 13 во Македонија, шест во Романија, четири во Франција и еден во Германија. Вирусот бил регистриран во 59 европски региони, од кои три во Македонија, покажува неделниот извештај на ЕЦДЦ.

    Вирусот се одржува во природниот циклус меѓу птиците и комарците, најчесто од родот Culex. Луѓето и коњите се случајни, крајни домаќини, а инфекцијата не се пренесува меѓу луѓето преку вообичаен контакт.

    Комарец од родот Culex и вирусот Западен Нил | Фото: NIAID, CC BY 2.0, Викимедија комонс

    Периодот од убодот до појавата на симптомите најчесто трае од три до 14 дена. Околу 80 отсто од инфицираните немаат никакви симптоми, а кај приближно 20 отсто може да се појават температура, главоболка, замор, болки во телото, гадење, повраќање или осип.

    Кај помалку од еден отсто се развива тешка невроинвазивна форма која може да предизвика воспаление на мозокот или на мозочните обвивки, парализа и други сериозни невролошки нарушувања. Ризикот е поголем кај лицата постари од 60 години, луѓето со хронични заболувања и лицата со ослабен имунитет.

    Оттаму, фактот дека најголем дел од официјално евидентираните случаи се хоспитализирани не значи дека толкав дел од сите заразени развиваат тешка болест. Здравствениот систем почесто ги открива и тестира пациентите со изразени или невролошки симптоми, додека асимптоматските и дел од полесните инфекции остануваат нерегистрирани.

    Не постои вакцина за луѓето ниту специфична антивирусна терапија. Третманот е насочен кон ублажување на симптомите и одржување на виталните функции кај тешко болните.

    Не е соопштено дали ќе има ново вонредно прскање

    На 30 јули, по зголемувањето на бројот на случаи, Министерството наложи вонредна терестријална дезинсекција во Драчево. Претходно, во мај и јуни, беа спроведени три ларвицидни авионски третмани, а во јули се прскаше против возрасни комарци во повеќе скопски населби.

    Во најновото соопштение не е наведено дали по појавата на седумте нови случаи во пет скопски општини, ќе биде спроведена дополнителна дезинсекција.

    Здравствените власти препорачуваат користење средства и заштитни мрежи, носење облека што ги покрива рацете и нозете и избегнување престој на отворено во зори и во самрак. Застоената вода во саксии, кофи, буриња, олуци и стари гуми треба редовно да се отстранува бидејќи претставува погодно место за размножување на комарците.

    Силна главоболка, висока температура, вкочанет врат, дезориентираност, нарушена свест, тресење или слабост на рацете и нозете можат да укажуваат на невролошки компликации и бараат итна лекарска помош.

    Поврзани вести

    „17“ на Косара Митиќ е македонскиот кандидат за Оскар

    01/09/2026

    Цана: Тројца пациенти со западно-нилска треска се екстубирани, двајца се во критична состојба

    01/09/2026

    За ниту една вакцина лани го немало потребниот опфат од 95 отсто

    01/09/2026
    АКТУЕЛНО

    Ричард Гир наполни 77 години, сопругата објави фотографии од семејната прослава

    01/09/2026

    Ќерката на Брижит Макрон ja објави врската со 20 години помлад маж

    01/09/2026

    Муцунски – Берсе: Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е од особена важност

    01/09/2026

    Димитриевски: Коалицијата и на централно и на локално ниво функционира

    01/09/2026
    НЕ ПРОПУШТАЈ

    Џејмс Родригез беше итно префрлен во болница по натпреварот со Франција

    (Видео) „Тоа е фобија“: Мајли Сајрус открива бизарна причина зошто се свршила

    Трето издание на студентската филмска платформа ХАЈ-ФАЈ

    Advertisement
    Demo
    Facebook X (Twitter) Instagram YouTube
    • Почетна
    • Технологија
    • Додатоци
    • Мобилни
    © 2026 Rabrovo. Designed by MKNET.

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.