Полицијата во Кратово вчера повторно ја уапсила С.Д.Б.(41) од Кратово, заради тоа што се обидела да наплати билети за влез во локалитет „Камени кукли“. Таа им се заканувала на Р.П. и Ј.Б. од Скопје, по што интервенирала и полицијата. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на случајот, против неа ќе следува соодветна пријава.
С.Д.Б. веќе има неколку кривични пријави за незаконска наплата на влезници во локалитетот во кратово, меѓу кои и од Општината. Таа беше приведена и претходно во август, откако имаше пријава против неа дека нападнала повеќе посетители на локалитетот Куклица.
Случајот со незаконската наплата на билети за влез во локалитетот трае повеќе од две години, но го доби вниманието на јавноста во јуни годинава кога имаше неколку пријави дека посетители се соочиле не само со незаконска наплата, туку и со закани и со физички напади. Според нивните сведочења, уапсената, заедно со членови на нејзиното семејство го узурпирала пристапниот пат до локацијата, а незаконски владеела и со објекти заради што Општината Кратово поднесела кривични пријави за узурпација на недвижности.

