Неправилности во пописот и евиденцијата на имотот, нерегулирани прашања околу сопственоста на недвижностите, како и пропусти во јавните набавки се дел од забелешките во конечниот ревизорски извештај за работењето на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година.
Државниот завод за ревизија утврдил дека пописот на средствата не бил целосно спроведен согласно законските и подзаконските акти, а материјалната и сметководствената евиденција на основните средства не била усогласена со фактичката состојба.
Поради утврдените состојби, ревизорите оценуваат дека не е овозможено потврдување на реалноста и објективноста на искажаните податоци во Билансот на состојба.
Во извештајот се посочува дека за дел од деловните објекти не биле преземени активности за впишување на правото на користење во Агенцијата за катастар на недвижности.
За други недвижности, пак, Министерството немало комплетна документација. Во вонбилансната евиденција биле запишани 16 деловни објекти со вредност од по еден денар, при што ревизорите констатираат дека Министерството „не располага со комплетна документација“.
„За оваа состојба известивме и во конечните извештаи за извршена ревизија на овластениот државен ревизор за МИОА. До денот на известување од извршената ревизија оваа состојба сеуште не е надмината што не е во согласност со одредбите од член 142 од Законот за катастар на недвижности со кој се уредува дека запишувањето на правото на сопственост и другите стварни права на недвижностите во катастарот на недвижности е задолжително како и членовите 7 и 12 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници согласно кои податоците во деловните книги мора да се заснова врз веродостојни, вистинити и уредни сметководствени документи и има влијание врз реално и веродостојно прикажување на вредноста на градежните објекти во Билансот на состојба на ден 31.12.2024 година“, стои во ревизијата.
Ревизорите забележале и дека имотот на Министерството не бил осигуран во 2024 година. Според извештајот, тоа е ризично за покривање на евентуална штета на имотот од страна на осигурителните компании и може да предизвика дополнителни расходи за буџетот.
Во текот на 2024 година, без спроведена постапка за јавна набавка, биле исплатени средства за стоки и услуги во износ од 2,732 милиони денари.
„Во текот на 2024 година без спроведена постапка за ЈН исплатени се средства за набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 2.732 илјади денари, што не е во согласност со членот 40 став 1 и 6 од ЗЈН во кој е уредено дека договорните органи во текот на годината можат да вршат набавки на стоки, услуги и работи без спроведување на постапка, при што вкупната вредноста на овие набавки во тековната година не смее да надмине 12 илјади евра во денарска противвредност“, потенцираат ревизорите.
Дополнително, во досиејата на три постапки немало документи со кои би се потврдило дека биле доставени гаранции за понуда, а во шест постапки недостасувале документи за гаранција за квалитетно извршување на договорот. Ова според ревизорите, влијае на намалена транспарентност и ограничување на конкуренцијата.
Проблеми се констатирани и во внатрешната ревизија. Иако биле предвидени двајца внатрешни ревизори и раководител, во текот на 2024 година било вработено само едно лице, односно „Советник-внатрешен ревизор на обука“ но не била извршена ниту една ревизија.
„Неекипираноста на одделението за внатрешна ревизија, како и неизвршени ревизии не овозможува исполнување на основната задача на внатрешната ревизија да придонесе за зголемување на вредноста и подобрување на работењето на субјектот, применувајќи систематски, дисциплиниран пристап за процена и подобрување на ефективноста во процесите на управување со ризикот, контролата и управувањето“, се наведува во извештајот.
Ревизорите утврдиле и дека до денот на известување од извршената ревизија во МДТ не се пополнети 43 отсто од систематизираните работни места, што може да влијае за непречено остварување на активностите од надлежност на Министерството. При тоа не се пополнети раководните места во 4 сектори од предвидените 10 сектори, додека во 6 одделенија не е пополнето ниту едно работно место.

