Над 38.000 жени во Северна Македонија се регистрирани како земјоделки, но многу од нив немаат еднаков пристап до финансиска сигурност, породилно отсуство, здравствено осигурување и социјална заштита. Овие проблеми биле во фокусот на вчерашната панел-дискусија „Жетва без нејзино име: Руралните жени и невидливиот труд“, одржана во Јуроп хаус Струмица, информираат оттаму.
Настанот бил организиран како дел од кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change), иницирана од Делегацијата на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ, во рамки на националниот караван. Дискусијата отворила простор за разговор за системските и институционалните пречки, но и за предрасудите и нееднаквостите што го ограничуваат пристапот на жените во руралните средини до нивните права.
„Жените земјоделки учествуваат во производството на храна и руралната економија, а истовремено најчесто се грижат и за домот. Сепак, нивниот труд и придонес често остануваат надвор од формалните економски и институционални рамки. Посебно загрижувачки е пристапот до имот и земјиште: во 2021 година, само 4,1 процент од жените во руралните области биле евидентирани како сопственички на имот, додека на национално ниво земја поседуваат само 12 проценти од жените“, се вели во соопштението од Јуроп хаус.
Разговорот ги опфати причините за овие нееднаквости, вклучувајќи ги практиките поврзани со наследувањето. Иако ќерките имаат законско право да наследуваат, често се откажуваат од својот дел во корист на браќата. На тоа влијаат долгогодишни традиции и очекувањето дека по бракот ќерката ќе „припадне на друго семејство“.
Во дискусијата учествувале Вероника Јоана Чолка, заменик-шефица на мисијата на Амбасадата на Романија, Лејла Рајкова, застапничка за правата на руралните жени и локалното земјоделство, и Лилјана Јоновски, вонредна професорка на Факултетот во Кичево и експертка за вклучување на жените во јавниот живот, со фокус на руралните средини. Разговорот го модерирала Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“
Панелистките ги разгледале предизвиците со кои се соочуваат жените што живеат и работат во руралните средини, спроведувањето на законите и достапните механизми за поддршка. Беше отворена и перспективата на Романија, како земја со значително учество на работната сила во земјоделството, како и прашањето за улогата на ЕУ во унапредувањето на правата на руралните жени.
Главната порака од дискусијата било тоа дека придонесот на жените земјоделки мора да биде препознаен и проследен со еднакви права и сигурност. Обезбедувањето пристап до имот, здравствено и социјално осигурување и права поврзани со работата е важен чекор кон поправедно и одржливо општество.

