Ова интервју е дел од серијалот текстови посветени на работата на дел од добитниците на грантови во рамки на програмата „Digital Spark“, која се спроведува во рамки на проектот „Регионален механизам за поддршка на Источна Европа и Централна Азија (EECA)“. Проектот го спроведуваат Фондација Метаморфозис и TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамки на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која ги опфаќа земјите од глобалниот Југ. Интервјуто се објавува на „Глобал Војсес“ врз основа на договор за споделување содржини.
Како и нивните врсници, децата и младите со Даунов синдром се љубопитни за технологијата и интернетот. Сепак, често недостигаат соодветни, наменски алатки што би им помогнале да научат безбедно да го користат. Ова е случај и во Босна и Херцеговина, каде што потребите на децата со когнитивни попречености не се земаат доволно предвид, па тие често завршуваат во дигитална изолација поради загриженоста на нивните старатели за нивната безбедност на интернет и ризиците од користењето на интернетот.
Во земјата има приближно 550–700 деца и адолесценти со Даунов синдром. За нив се грижат три специјализирани здруженија што дејствуваат на национално ниво: Здружението „Живот со Даунов синдром на ФБиХ“, Здружението за Даунов синдром Мостар и „DOWN SY I MI“. За да ги едуцираат децата за безбедноста на интернет, овие организации мора да се потпрат врз алатки за безбедност на интернет во кои преовладува текст, апстрактни објаснувања и сложен јазик, поради што тие не се соодветни ниту разбирливи за децата со Даунов синдром.

Стефан Филиповиќ. Фотографијата е објавена со дозвола.
Група софтверски инженери, ИТ професионалци и дизајнери во Босна и Херцеговина работат на создавање дигитална алатка за безбедност на интернет, приспособена на потребите на децата и адолесцентите со Даунов синдром.
Глобал Војсес спроведе писмено интервју по е-пошта со Стефан Филиповиќ, член на оваа група, за да дознае како тие создале видеоигра со која децата со оваа генетска состојба учат за безбедноста на интернет. Интервјуто е уредено заради поголема јасност и концизност.
Глобал Војсес (ГВ): Кажете ни нешто повеќе за вашата организација и зошто решивте да се вклучите во проектот Digital Spark.
Стефан Филиповиќ (СФ): Ние сме група ИТ професионалци, програмери и дизајнери од Босна и Херцеговина. Поголемиот дел од нашата работа е поврзана со комерцијални технолошки решенија, но имаме искуство и во развивање едукативни и општествено корисни видеоигри, како што се Eureka – Edukativna videoigra, едукативна игра за деца и Lea & Leo, игра за деца со дијабетес.
Се вклучивме во проектот Digital Spark затоа што сакавме да го искористиме нашето искуство за да придонесеме за група луѓе чии потреби, според нас, често се занемаруваат при дизајнирањето дигитални производи. Младите со интелектуална попреченост користат мобилни телефони и интернет, но многу дигитални алатки едноставно не се осмислени на начин што ги зема предвид нивните потреби.
Видеоиграта SafeClick (Siguran klik) ни овозможи да работиме на нешто практично и корисно, а истовремено и да научиме како да дизајнираме производи на поинклузивен начин и да ги вклучиме едукаторите и корисниците во процесот.
ГВ: Кој проблем или предизвик во вашата заедница ве поттикна да го започнете овој проект?
СФ: При соработката со Сервисниот центар „Dajte nam šansu – Zvjezdice“ – здружение и дневен центар што обезбедува бесплатна поддршка за деца, млади и лица со попреченост во развојот – увидовме дека младите со Даунов синдром користат мобилни телефони и интернет, но дека има многу малку материјали за кибер безбедност наменети конкретно за нив.
Повеќето материјали содржат многу текст, сложени објаснувања или интерфејси што тешко се следат. Колку што ни е познато, родителите и едукаторите често се насочуваат кон ограничување на користењето на интернетот, наместо да ги учат младите како да постапат во небезбедни ситуации.
Сакавме да пробаме нешто поинакво. Во SafeClick користиме едноставни приказни, ситуации од секојдневието, слики и елементи на игра за да им овозможиме на корисниците да вежбаат како да постапат кога ќе добијат сомнителна порака, ќе запознаат некого на интернет или ќе доживеат кибер насилство.
ГВ: Кои се главните активности што ги спроведе вашата организација за време на учеството во проектот и какви промени воведовте?
СФ: Ја развивме првата верзија на SafeClick што може да се игра. Играта моментално чека одобрување од App Store и Google Play. Наменета е за мобилни уреди, со едноставни и пристапни интеракции и визуелни сценарија.
Една од важните одлуки што ги донесовме беше да не ги казнуваме корисниците кога ќе направат грешка. Наместо тоа, играта им објаснува што се случило и им дава уште една можност. Остваривме блиска соработка со едукатори и родители и ги искористивме нивните повратни информации за да ги направиме сценаријата полесни за разбирање.
Во моментов сме во фаза на договарање менторски средби со менторот што ни беше доделен во рамките на проектот, со цел да добиеме дополнителни можности за промоција на играта и да допреме до што е можно повеќе корисници.
ГВ: Како учеството во проектот влијаеше врз корисниците на услугите на вашата организација и заедницата на која ѝ служите? Наведете конкретни примери.
СФ: Иако играта наскоро ќе биде објавена, првичните повратни информации од специјалните едукатори и родителите беа многу конкретни и корисни. Особено им благодариме на Јелена Жилиќ и нејзините деца, кои беа првите корисници што ја тестираа играта и ни дадоа корисни повратни информации. Благодарение на нив, увидовме дека ситуации што тешко се објаснуваат со зборови можат многу полесно да се разберат кога се прикажани визуелно и кога младите можат да вежбаат како да постапат преку игра.
На пример, наместо само да му кажеме некому да не одговара на непознати лица на интернет, SafeClick му овозможува да ја види пораката, да одлучи како да постапи и да вежба како да го блокира и пријави тоа лице, како и да ја пријави ситуацијата кај својот старател. Навистина верувам дека успеавме да претвориме една апстрактна тема во нешто што младите можат да го применат во пракса.
ГВ: Како се променија вашите знаења, свесноста и искуството во однос на дигиталната демократија и граѓанскиот простор?
СФ: Пред да започне овој проект, пристапноста главно ја сфаќавме како прашање поврзано со производот и корисничкото искуство (интерфејсот). Работејќи на SafeClick, почнавме да гледаме на тоа од поинаква перспектива. Безбедното користење на интернетот е важно и за учеството во секојдневниот живот: за комуникација, учење, пронаоѓање информации и вклучување во заедницата.
Ако некое лице не може да ги разбере дигиталните услуги или безбедно да ги користи, тоа останува исклучено. Исто така, научивме дека приватноста и пристапноста не треба да се додаваат дури на крајот од развојот на еден производ, туку треба да се земат предвид уште од самиот почеток. Тоа е нешто што ќе го применуваме и во нашите идни проекти.
ГВ: Кои се највредните сознанија и искуства што ги стекнавте во текот на овој проект и кои ќе ги понесете со себе?
СФ: Најважната лекција за нас беше дека создавањето нешто технички едноставно всушност е доста тешко. Кај комерцијалните производи, лесно е постојано да се додаваат нови функционалности. Но, при работата на SafeClick, моравме постојано да се прашуваме дали одредено копче, анимација, реченица или екран навистина е неопходен.
Претходното искуство со Eureka – Edukativna igra и Lea & Leo ни помогна да ја разбереме вредноста на видеоигрите како средство за учење, но преку SafeClick научивме многу повеќе за когнитивната пристапност и за тоа колку е важно при дизајнирањето да се земат предвид потребите и мислењата на едукаторите и корисниците.
ГВ: Што следува понатаму? Како ќе ги примените стекнатите знаења и унапредените дигитални капацитети во вашата идна работа и во заедницата?
СФ: Нашата непосредна цел е да ја објавиме SafeClick, да ја промовираме преку медиумите и да ја информираме пошироката јавност дека играта е достапна. На долг рок, планираме да го надградиме ова искуство и да развиеме поширок спектар дигитални алатки приспособени на потребите на маргинализираните групи, како и да продолжиме да истражуваме како игрите и другите дигитални алатки можат да го олеснат учењето и учеството на лицата што често се изоставени од вообичаените технолошки решенија. Отворени сме за нови соработки и партнерства.


