Народната банка на Србија (НБС) на 17 ноември ѝ ја одзеде дозволата за финансиски лизинг на компанијата „Алта лизинг“ од Белград и утврди дека се исполнети условите за поведување постапка за нејзина ликвидација, пренесе Н1.
Одлуката следува по одземањето на дозволата и отворањето стечај над Алта банка Белград, која е единствен сопственик на друштвото. Според регулаторот, банката повеќе не ги исполнува пропишаните услови во однос на финансиската состојба и деловната репутација, со што се создале законски услови за одземање на дозволата и на „Алта лизинг“.
Анализата на НБС покажала дека имотот на друштвото ги надминува неговите обврски. Регулаторот затоа утврдил услови за ликвидација, оценувајќи ја како поповолно решение за доверителите и корисниците на лизинг.
Истовремено е изречена забрана за располагање со имотот на „Алта лизинг“, која ќе важи до отворањето на ликвидациската постапка пред надлежниот стопански суд. Функцијата ликвидациски управник ќе ја врши српската Агенција за осигурување депозити.
Од денот на уписот на решението за одземање на дозволата, компанијата нема да може да склучува нови договори за финансиски лизинг. Правата и обврските од претходно склучените договори остануваат во сила. Правните работи склучени во име и за сметка на друштвото од донесувањето на решението до отворањето на ликвидацијата се ништовни.
НБС нагласува дека корисниците и другите должници треба редовно да ги исполнуваат договорените обврски. Доцнењето, според условите од договорите, може да доведе до нивно раскинување и достасување на сите преостанати обврски.
Регулаторот соопшти и дека одлуките не ја загрозуваат стабилноста на српскиот финансиски систем. „Алта лизинг“ се занимава со финансиски лизинг и не прибира депозити од граѓани и компании.
На Алта банка Белград ѝ беше одземена дозволата на 31 октомври, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка. За исплата на осигурените депозити беше избрана Поштенска штедилница.
Сопственикот Давор Мацура беше уапсен на 2 ноември под сомнение за злоупотреба на положбата и незаконско изнесување околу 380 милиони евра од банката. Тој ја негирал вината, а Вишиот суд во Белград на 4 ноември му одреди притвор до 30 дена, наведува Н1.
Случувањата со белградскиот акционер доведоа до мерки и во Македонија. Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола, со образложение дека треба да се заштитат имотот на банката и интересите на штедачите до промена на сопственоста.

