Антиродовите наративи и родово базираните дезинформации сè почесто се користат како средство за поларизација на општеството, поткопување на демократските процеси и обесхрабрување на жените да учествуваат во политиката, медиумите и јавниот живот, беше оценето на денешниот настан, кој вклучуваше дијалог и работилница на тема „Зајакнување на отпорноста кон родово поврзани манипулации со информации“ во организација на Фондација Метаморфозис и Интернешенал ИДЕА. На настанот говореа претставници на Амбасадата на Шведска, Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), ХЕРА, a присутни беа повеќе новинари и претставници на граѓанскиот сектор, но и на министерствата за одбрана и за дигитална трансформација.
Учесниците предупредија дека ваквите координирани кампањи, кои се интензивираат посебно во изборни периоди, шират недоверба кон институциите и демократските вредности, а анализите покажуваат дека жените и натаму се значително помалку застапени како носителки на политички пораки во медиумите. Беше посочено и дека развојот на вештачката интелигенција (ВИ) дополнително го олеснува создавањето и ширењето на дезинформации, поради што институциите, медиумите и граѓанскиот сектор треба заеднички да градат механизми за заштита на демократскиот простор и родовата еднаквост.
Далберг Фриск: Загрижени сме од она што го гледаме во РСМ
Елизабет Далберг Фриск, заменичката амбасадорка на Шведска во земјава, кажа дека родовата еднаквост е многу важна основа на нашите политики, зашто еднаквите општества, како што кажа, ќе донесат поголема сигурност и ќе ја зајакнат демократијата.
„Во РСМ сме загрижни од она што го гледаме, бидејќи има пораст на антиродовите движења и антиродовите наративи. Ова се напори кои имаат за цел да го поткопаат напредокот на родовата еднаквост и придонесуваат кон поларизација и поделба на населението и ја ослабуваат демократијата. Овие движења и наративи се зајакнуваат во последните години. Со дезинформации се создава недоверба. Медиумите управувани од руската држава ја таргетираа и Шведска со антродови дезинформации за да ги поткопаат демократските вредности. Тоа има последици врз животот на жените, младите и може да влијае врз јавната дебата. Кој е начинот на кој ние реагираме? Во Шведска имаме нова Шведската агенција за психолошка одбрана и заштита на интегритетот од дезинформаиите и зајакнување на сеопфатниот пристап на општеството, која има за цел да се спротистави на штетните наративи“, рече Далберг Фриск.

Блерта Хоџа, програмската менаџерка за Западен Балкан од Интернешенал ИДЕА истакна дека кампањите земаат голем замав и дека е многу тешко да се прави надзор.
„Овие кампањи се создадени да ги експлоатираат домашните поделби. Сега освен странски имаме и домашни манипулации со информации а најефикасен начин да ги покопуваат демократските вредности е токму преку родови наративи. Постојат штетни влијанија и наративи кои имаат за цел да го поларизираат општеството и да ги отргнат граѓаните од демократските вредности. Ова е против граѓанското општество и слободата воопшто“, рече Хоџа која појасни дека Интернешнал ИДЕА е глобална организација која ги следи трендовите, но целта е секаде иста, штетните наративи да ги нападнат демократските актери и да ги дискредитират инситуциите посебно за време на избори.
Родовите дезинформации, според Хоџа, не се изолиран феномен во овој процес.
„Кога станува збор, пак, за интеграција во ЕУ, штетните наративи го таргетираат пристапниот процес. Ние во ИДЕА работиме и во соработка со изборните власти за да се доближиме до правилата на ЕУ. Има извештаи на ЕУ кои имаат забелешки дека РСМ заостанува со хармонизација во поглед на правото на ЕУ“, потенцира Хоџа.
И Алиса Шајбле, сорабтничката за програми во Интернешенал ИДЕА, кажа дека целта на дезинформациите и на ФИМИ е да го поткопаат демократското учество и да се поттикне агенда која го користи родот да се реализираат конкретни политички цели. Таа презентираше анализа за состојбата во Албанија, која покажала дека во оваа земја кампањите најчесто се домашни, но користат глобално потекло на наративите за да добијат поголем досег и легитимитет.
„Во однос на нацрт-законите за репродуктивно здравје, односно во врска со законот од 2025 година, во најсилната онлајн кампања во Албанија имало 18.795 објави, при што 42 отсто од објавите содржеле експлицитни дезинформации. Во однос на тамошните локални избори од 2023 година и парламентарните избори од 2025, идентитетот се користел како алатка во кампањите, односно „одбрана на верата, семејството и нацијата“, против странски агенди“, кажа Шајбле.
Ризаов: Родовите дезинформации ги оттурнуваат жените, новинарките и активистите од јавниот простор
Горан Ризаов, раководител на програмата Медиумски и информациски интегрите во Метаморфозис истакна дека преку штетните наративи поврзани со родовата еднаквост, правата на жените, ЛГБТИК+ заедницата, жените во политиката, новинарките и активистите или активистките стануваат лесна цел.
„Веќе постои големо несогласување во општеството на овие теми. Преку нив многу лесно се мобилизира гневот, се создава паника, се предизвикува страв и нерационална реакција. Тие се преставуваат како „опасност“ за традиционалното семејство, за традиционалните вредности, за државата, за децата, за било што, за што и да треба во дадениот момент. И последиците од тоа се многу сериозни. Не станува збор само за стотиците коментари со закани за насилство што ќе се појават на социјалните мрежи, туку станува збор за тоа што поради ваквите наративи, луѓето се повлекуваат од јавниот простор“, кажа Ризаов.
Тој додаде дека поради тоа, жените размислуваат дали воопшто вреди да влезат во политика.
„Новинарките се прашуваат дали вреди да објават уште една истражувачка сторија знаејќи дека тоа ќе води кон нов бран навреди и напади. Активистите и граѓанските организации стануваат мета наместо соговорници во процесот на носење одлуки. Оттука натаму повеќе не зборуваме само за родова еднаквост, туку зборуваме за демократско учество. Треба да е јасно дека ваквите наративи се еднакви на цензура, тоа не е слобода на говор. Ова е посебно важно во изборен контекст бидејќи изборите не се само денот на гласање и гласачкото ливче. Изборите се и атмосферата пред тоа: што гледаат луѓето, кому му веруваат, од што се плашат, и дали воопшто сметаат дека нивното учество во изборниот процес има некаква вредност или логика“, појасни Ризаов.
АВМУ: Жените се на маргините на политичките кампањи, мажите доминираат во медиумскиот простор

Марина Трајкова oд Агенцијата за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги презентираше анализа на вестите и рекламите на националните телевизии и јавниот сервис во време на предизборните процеси во 2020 и 2025 година.
Во 2020 година во предизборна кампања од парламентарните избори, жените говореа во 14,5 отсто од времето, а мажите 85,5 отсто од времето. Во спотовите за платено политичко рекламирање (ППР), жените говореа во 22,9 отсто, а мажите – 77,1 отсто од времето. Во снимките од митинзи 14,4 отсто говореле жени, а 85,6 отсто од времето говореле мажи. Ги анализиравме и вестите на МТВ1 и МТВ2. Жените во прилозите говореле во 40,9 отсто а мажите 59,1 отсто. Во 2020 година, од анализирани над 1.700 прилози што се емитувале на сите телеизии, во три прилози се појавија родови прашања.
„Во предизборната кампања во 2020 година, жените воопшто не зборуваа за безбедност, медиуми и пропаганда, а теми за кои најмногу зборувале се образование, економија, здравство. Во предизборната кампања од 2025 година, жените најмалку говореле за безбедност и владеење на правото, а најмногу, со оглед на тоа дека изборите беа локални, за комунални услуги, животна средина како и здравство, инклузија. Најзастапена родова тема е економското зајакнување на жените, но родовите прашања се секогаш на маргините во политичките кампањи. Жените и мажите не се подеднакво вклучени како носителки на политичките пораки. Мажите доминират како примарни субјекти и тие говорат. На снимки од партиски настани примарни субјекти се мажи, а жените се декор во улога на поддржувачки. Жените беа поприсутни во визуелниот отколку во говорниот дел. Севкупно, мажите говореа многу повеќе од жените на сите теми“, рече Трајкова во своето излагање.
Санела Шриељ, раководителката на програмата за јавни политики и застапување во ХЕРА- Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, кажа дека се соочуваме со напади кои имаат за цел да ја уназадат родовата еднаквост и позициите на жената во општеството.
„Родовата еднаквост треба да ја гледаме од аспект на дезинформации, но и како безбедносно прашање. Во она што го нарекувмае ФИМИ и мешања, посебно во изборните процеси, и те како родот се користи како влезна точка за тие влијанија. Лани беше презентиран извештај кој посочува дека меѓу периодот 2019 и 2023 година, 1,8 милијарди долари се вложени во антиродовите движења, кои имаат за цел да шират антиродови наративи. Тие се добро организирани системски движења кои напаѓаат институици и внесуваат недоверба и хаос и го поларизираат општество“, рече Шкриељ.
Во овааа смисла, додаде таа, Македонија е засегната со оглед на тоа дека беа посочени движењата, а имаше и протести против Законот за родова еднаквост.
„И извештајот на ЕУ за 2024 зборува за порастот на антиродовите движења. И како чинители сме таргет на овие антидемократски движења кои имаат за цел да ја уназадат родовата еднаквост. Сите кампањи и наративи не се автентични само за РСМ, туку сегде каде што се присутни овие движења. Политичките актери ги злоупотребуваат антиродовите движења посебно пред избори, во насока на одбрана на некакви традиционални вредности. Тука е одговорноста на партиите и политичарите, посебно ако станува збор за застапеноста и улогата на жените. Жените се изложени на дезинформации и напади на социјалните мрежи, а целта е жените да се повлечат од јавниот простор“, рече Шкриељ.
Ричлиев: Дезинформациите во ера на ВИ се менуваат
Зборувајќи за влијанието на вештачката интелигенција (ВИ), Зоран Ричлиев, експерт за дигитални медуми во Фондација „Метаморфозис“ истакна дека дезинформациите во ера на ВИ се менуваат.
„Големите јазички модели може да генерираат стотици информации. Најчести се дип фејк видеа и аудија, кои порано бараа денови за изработка, а сега се прават за многу малку време. Родово базираните дезинформции се шират преку координирани кампањи кои користат културолошки стереотипи за да ги тргнат жените од јавниот простор. Кога маж се напаѓа, во фокусот е неговата идеолошка определба, а кога жена е нападната тогаш фокусот е на нејзиниот изглед, морал, семеен статус. На пример, новинарките од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) често се мета на напад. Драган Павловиќ Латас во 2023 година објави серија статуси посветени на Сашка Цветковска и на Деница Чадиковска, надополнети со фотографии, со што целта беше да предизвика мразечки коментари. Целта на ова беше да ги спречи во едно важно истражување кое се однесуваше на Јавното обвибителство. Целта на овие напади беше тие да се повлечат“, рече Ричлиев.
Во дискусијата учествуваше и Дитмире Шеху од Државната изборна комисија (ДИК), која посочи дека ДИК развива процеси кои се транспарентни и во духот на родовата еднаквост.
„Медиумите, дигиталните платформи имаат одговорност да придонесат кон информирана јавност. Војната против дезинформаците треба да се базира на факти, почит и демократски вредности. На избори, самите граѓани носат одлуки на слободен начин. ДИК не се изразува само декларативно, туку во рамки на институционалното функционирање ги имаме и родовите перспективи. Во ДИК ќе има конференција за учеството на жените на изборите, на која ќе размениме информации со локални и странски партнери и ќе видиме какви се тенденциите. Тоа ќе се базира на докази. Ние како ДИК подготвуваме анализа за тоа, колку жените излегуваат да гласаат, колкаво е нивното присуство на самите изборни места. Бидејќи има места каде што жените воопшто не излегле да гласаат и гласовите стопроцентно се само од мажи“, информира Шеху.

Во рамки на настанот се одржа и работилница каде учесниците имаа шанса да идентификуваат и анализираат повеќе штетни анти-родови наративи како и да дефинираат начини на застапување пред институциите на системот.

