Европската слободна алијанса смета дека состојбата со човековите права на Македонците во Бугарија е сериозна и дека ЕУ од оваа држава мора да бара да биде одговорна за своите законски обврски како земја-членка на унијата, особено во врска со обврските за човекови и малцински права, кои Бугарија не ги исполнува.
Во Декларацијата се критикува и примената на двојните стандарди на ЕУ кон земјите-членки и земјите-кандидатки во врска со заштитата и третманот на националните малцинства и промоцијата на нивните права.
ЕФА го покрена и прашањето за невклучување на македонски претставник во Националниот совет за соработка за етнички и интеграциски прашања во Бугарија, за заедницата конечно да може да биде вклучена и застапена.
И на крај, во Декларацијата се бара Бугарија формално да се извини за историските злосторства што ги изврши против своето македонско малцинство за време на комунистичките години. „Ова мора да ги признае илјадниците Македонци кои беа тепани, присилно раселени, понижени, казнувани, затворани и убиени за изразување на својот етнички идентитет и за спротивставување на бугарските политики за денационализација“, се вели во Декларацијата на ЕФА.
Инаку на годинешното собрание, ЕФА со Резолуција ги осуди и бугарските политички притисоци и ја повикa ЕК да покрене истрага за состојбата со македонското малцинство во Албанија.
ЕФА е европска политичка партија која ги обединува и претставува регионалните, автономните и малцинските политички партии во Европа и е застапена во Европскиот парламент.

