На настанот, што се одржа синоќа во Нови Сад, во годината кога се одбележуваат 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, претседателот Иванов имаше пригодно обраќање во кое ја истакна важноста на институционалната грижа за зачувување на идентитетот, јазикот и културното наследство на македонската заедница во Република Србија.
Во своето обраќање, претседателот Иванов го нагласи значењето на образованието на македонски јазик како клучен столб за зачувување на националниот идентитет, посочувајќи дека „преку можноста младите да учат и да се изразуваат на својот мајчин јазик, не се пренесува само знаење, туку и чувство на припадност, достоинство и самосвест“. Тој особено ја истакна потребата од активна вклученост на младите генерации во институционалниот и општествениот живот на заедницата, оценувајќи дека нивната енергија, визија и лидерство се двигател на нејзиниот понатамошен развој.
Осврнувајќи се на јубилејот од 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, претседателот Иванов посочи дека станува збор за историски втемелена приказна на истрајност, работа и достоинство, преку која македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее. Во таа насока, тој упати искрена благодарност за поддршката што ја даваат властите во Република Србија и Војводина, оценувајќи ја како силна порака на почит и вреднување на македонската заедница во Србија.
Во говорот Иванов ја потенцираше улогата на македонската заедницаво Република Србија, како и на српската заедница во Република Македонија, кои претставуваат жив мост на пријателство, разбирање и соработка меѓу двете држави, со посебно значење на културната, општествената и дипломатската соработка.
На промоцијата присуствуваа министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Србија, Демо Берища; македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески; покраинската омбудсманка, Драгана Ќориќ; директорот на Архивот на Војводина, Небојша Кузмановиќ, како и претставници на Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства; претставници на Македонскиот национален совет и на македонската заедница во Република Србија.
Целите и програмските определби на Стратегијата детално ги образложија претседателката на Советот, Зорица Митровиќ и секретарот Марјан Јованоски, кои се осврнаа на клучните приоритети, мерки и активности предвидени за наредниот период, по што со свои обраќања се обратија и амбасадорот Тупанчески, ресорниот министер Бериша, како и домаќинот на настанот, директорот на Архивот на Војводина Кузмановиќ.
За време на настанот, Претседателот Иванов оствари кратки средби со присутните претставници на државната власт на Република Србија, како и со претставници на покраинската власт на Војводина. Посебно значајни беа средбите со претставниците на македонската заедница во Војводина и со претседателството на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, на кои беше изразена заедничка подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршката на активностите од интерес за македонската заедница.
The post Иванов во Нови Сад: Македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее appeared first on МКД.МК.

