
Студентски протест под мотото „Или тие или ние“ се одржа вчера во Нови Пазар. Протестот беше организиран затоа што повеќе од 200 студенти во тој град го загубија студентскиот статус, а околу 30 професори ги загубија своите работни места. Студентите тврдат дека Универзитетот системски се урива.
Митингот помина мирно, без инциденти, со минимално присуство на полиција. Протестот започна пред Државниот универзитет, по што учесниците се движеа низ градските улици, а заврши на Градскиот плоштад. За време на протестот, се одржаа низа форуми и говори на студенти и професори, како и гости од други универзитети од Србија. Во текот на денот, учесниците блокираа одредени градски и автопатски правци, а по завршувањето на програмата, мирно се разотидоа.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, оцени дека собирот во Нови Пазар бил исклучително мал по бројност и како и секогаш бесмислен.
„Денешниот протест во Нови Пазар беше успешен во однос на туризмот, верувам дека министерот за туризам и млади Хусеин Мемиќ е задоволен од дополнителните приходи во питари и буреџиници поради луѓето што дојдоа однадвор. Беа исклучително мали по број и, секако, како и секогаш бесмислени“, рече Вучиќ.
Саво Манојловиќ, лидерот на движењето „Почни-Промени“, оцени дека студентите што го организираа протестот во Нови Пазар се обидуваат да го обединат народот, додека моќта на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Социјалдемократската партија на Србија почива на поделби.
„Прекрасна Србија на солидарност и различност, каде што можете да видите луѓе од Нови Пазар како ни подготвуваат брза храна, на нас кои дојдовме од други градови. Србија што е почитувана и што е најдобрата одбрана од радикалната политика, што покажува дека на оваа земја не ѝ требаат Расим или Вучиќ, туку дека ѝ требаат луѓе кои заедно ќе направат промена и ќе создадат функционално општество“, рече Манојловиќ во писмена изјава.

