
Македонија започнала формални преговори со Британија за прифаќање одбиени мигранти, пишува британски Дејли мејл. Според написите, станува збор за лица на кои им е одбиено барањето за азил во Велика Британија, пренесуваат британските медиуми.
Според информациите од медиумите планот предвидува Британија да и плаќа на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, како и да вложува во земјата преку инвестиции и поддршка за нејзината безбедност, особено во контекст на руското влијание во регионот.
Според написите, мигрантите ќе можат да добијат азил во Македонија или да аплицираат за работни визи во сектори каде има недостиг на работна сила. Тие немало да бидат сместени во центри, туку би имале слобода да ја напуштат земјата кога сакаат.
Слични разговори Британците воделе и со Косово, додека други земји од регионот, како Босна и Херцеговина, одбиле да бидат дел од овој план.
На новинарско прашање за разговорите со Македонија, канцеларијата на британскиот премиер изјавила дека владата нема да дава тековни коментари за плановите за вакви центри, додавајќи дека „не постои едноставно решение“, но дека владата работи на сериозни мерки.

