
Најголемата брзина која ја регистрирал системот „Безбеден град“ е 231 километри на час, со кои автомобил летал на скопската обиколница, открија во Топ Тема на Телма Маја Арсовска-Манов, началник на Секторот за сообраќајни работи во МВР и Владимир Велковски, државен советник во кабинетот на министерот Тошковски. Прекршокот е регистриран на 1 декември, првиот ден откако стартува пробниот период на работа на системот.
Тој ден, како што информираше Министерството за внатрешни работи беа регистрирани над 65.000 прекршоци за 12 часа, а вкупно 110.000 прекршоци за 24 часа. Следниот ден бројот се преполовил на 50.652 прекршоци. Сепак, како што информираат од МВР, се задржал трендот најголемиот дел од прекршувањата на сообраќајните правила да се однесуваат на брзината на движење, 48.861, а 1.366 биле за поминување на црвено светло и 425 за нерегистрирани возила. Вториот ден е измерена уште една рекордна брзина на движење од 209 километри на час.
Според МВР, најмногу прекршоци за брзо возење се забележани на излезот од Скопје кон Тетово 4.300 и на булеварот „Никола Карев“, попознат како пластичарска улица, 3.000 прекршоци.
Од друга страна, во првите три дена од стартот на „Сејф сити“ огромен број на опомени стигнаа и до граѓани кои возеле 51 или 52 километри на час, што предизвика бројни дебати на социјалните медиуми. Граѓаните споделуваат искуства и практики од други држави кои имаат праг на толеранција во кој не се казнува возењето од неколку километри над максимално дозволената брзина. Забелешките се однесуваат и на одвлекувањето на вниманието на возачите кои повеќе гледаат во брзинометарот, отколку во сообраќајот, но и на недостатокот на сообраќајна сигнализација на многу локации каде што има камери.
Министерот Панче Тошковски ги призна слабостите на системот и рече дека и дел од опомените не стигнале до вистинските возачи и најави дека можеби тест периодот ќе биде продолжен. Сепак, тој нагласи дека нема да има исклучок за никој, вклучувајќи ги и службените возила и странските државјани кои нема да бидат спречени да излезат, но нема да им биде дозволено да влазат ако не си ја платат казната.
„Возило на брза помош нема да биде санкционирано ако вози побрзо од пропишаното во услови кои се предвидени. Истото важи за други сервисни возила како и возилата на МВР и на АРМ, но сите други подлежат на санции, без разлика дали се со црвена табличка. Функционерите кои се возат со службени возила со полициска придружба, имаат право понекогаш да се возат побрзо од дозволеното, но доколку министер вози и направи прекршок, ќе биде казнет. Досега се казнети најмалку тројца возачи кои во моментот возеле министри, а не се придржувале до пропишаните правила,“ рече Тошковски.

