Над 5.000 корисници на социјална помош своите парични средства ги добивале преку Алта банка. Се прави обид од утре да им се овозможи исплата на целокупната парична помош директно на шалтерите на банката. Според изјавата на министерот за труд и социјална политика за ТВ Телма, планот е да се отворат три шалтери, прво во Битола, а потоа да продолжи и во Скопје и Струмица, за да можат и пензионерите кои немаат картички за банкомат да си подигнат дел од парите.
„Се работи за околу 5.000 корисници на социјална помош и други права од социјална заштита кои што имаат сметки на Алта банка ќе имаат приоритет при подигнување на средствата и да не бидат лимитирани и да можат целиот износ да си го подигнат од отворените шалтери“, изјави министерот за социјална политика и демографија Ѓоко Велковски.
Народната банка викендов излезе со одлука со која времено го презема управувањето на Алта банка. Во меѓувреме од НБРМ соопштија дека веќе има интерес од страна на домашни и странски финансиски институции за купување на банката.
Привремената администрација во битолската банка беше воведена на 1 ноември, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Српскиот регулатор како причини ги наведе значителното влошување на финансиската состојба, ризикот од дополнително нарушување на ликвидноста и загрозувањето на интересите на депонентите. Инаку Алта банка АД Белград пред една година ја купи Стопанска банка АД Битола и со тоа влезе во македонскиот банкарски сектор.
Вчера во Србија беа уапсени три лица, меѓу кои и сопственикот на банката Давор Мацура, кој воедно е и претседател на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Според соопштението на српското Јавно обвинителство за организиран криминал што го пренесе Н1, постои сомнеж дека Мацура од трезорот на банката во Србија изнесувал пари и прибавил противправна имотна корист од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра.
Македонскиот гувернер Трајко Славески, во гостување во „Топ тема“ на Телма, за пропаста на Алта банка ги обвини медиумите велејќи дека „тие ја урнаа Алта банка со тие шпекулации дека се изнесуваат пари“. Тој ја бранеше и согласноста од македонските монтеарни власти за преземањето на поранешната Стопанска банка АД Битола. Еден ден пред да го преземе управувањето со Алта банка Битола, НБРМ соопшти дека банката е ликвидна и работи нормално.

