
Во Собранието на Република Северна Македонија вчера се одржа втората и последна седница на Комисијата за избор на кандидати за прв човек на Антикорупциската комисија, пишува Порталб. На оваа седница се расправаше дали кандидатите кои аплицирале за оваа позиција ги исполнуваат техничките услови. Од 12 кандидати, комисијата оцени дека Бранко В’чков и Зоран Наумов не ги исполнуваат условите и беа дисквалификувани од кандидирањето. А за преостанатите 10 кандидати јавните интервјуа ќе се одржат во Собранието, во вторник и среда. Кандидатите кои бидат интервјуирани се: Бранко Смилевски, Благица Трошанска, Феузи Џафери, Кимо Чавдар, Владимир Наумовски, Весна Доревска, Ненад Трифуновски, Валентина Тодоровска, Антонио Санев и Адем Ќучул.
За функцијата претседател на Државната комисија за спречување на корупција се кандидираа тринаесет кандидати, еден се повлече, а двајца беа дисквалификувани.
Собраниската комисија за избори и именувања ја формираше оваа Комисија во август, но постапката беше прекината поради изборите.
Комисијата формирана за избор на кандидати е составена од седум члена: Илбер Руфати, заменик-народен правобранител, Дарко Аврамовски, претставник на здружение или фондација назначен за член на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор во областа на демократијата, владеењето на правото, односно член на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, Бардил Јашари, претставник на здружение или фондација назначен за член на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор во областа на медиумите и информатичкото општество, и замениците: Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВЛЕН, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.
Потсетуваме дека во август Цвета Ристовска беше едногласно избрана за заменик-претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која остана без претседател по оставката на Татјана Димитровска. Ристовска беше на чело на Комисијата за време на локалните избори кои се одржаа во октомври.
Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, нотираше дека земјата нема никаков напредок во борбата против корупцијата, а обвинението поднесено против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), што резултираше со нејзина оставка, го довело во прашање кредибилитетот на институцијата.
„ДКСК треба проактивно да дава насоки за политики за спречување на корупцијата, за откривање и пријавување на сомнителните случаи на корупција и зголемување на својата ефикасност во проверката на анкетните листови за имотот и надзорот врз финансирањето на кампањите. Паралелно, нејзините препораки треба ефикасно да се следат“, се наведува во извештајот.
Татјана Димитровска поднесе оставка по обвиненијата од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и тоа за две кривични дела: откривање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и компјутерско фалсификување, бидејќи за сертификат за државна тајна во нејзино име тестот го положил ревизор од Државниот завод за ревизија.
Извор: Порталб.мк

