Едно дете загина, а уште седум деца и еден маж се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила рано утрово на автопатот Нови Сад-Белград, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР).
Во возилото имало осум деца на возраст од 13 до 16 години, членови на Џудо клубот „Партизан“ од Белград, кои се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан, објави Би-би-си.
Според полицијата, дете родено во 2009 година починало на местото на несреќата од тешките повреди.
„Нашиот мал шампион, за жал, повеќе не е со нас, тоа е сè што можам да кажам,“ изјави тренерот на клубот, Небојша Мандиќ, за Радио-телевизијата на Србија (РТС).
Од Детската болница во Нови Сад соопштија дека две деца се хоспитализирани на Одделението за интензивна нега, додека едно дете со повреда на ‘рбетот е пренесено во Белград.
„Петте останати деца се примени на одделение за опсервација, во добра состојба се и не се животно загрозени,“ изјавија од болницата за Радио021 од Нови Сад.
Според првичните информации, комбето со белградски регистарски таблички, управувано од 43-годишен возач, се превртело во близина на наплатна рампа кон Белград од засега непознати причини.
Алкотестот покажал дека возачот не бил под дејство на алкохол, информира МВР.

