„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва. Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?“, прашуваат од иницијативата.
Организаторите бараат целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана и утврдување одговорност за институционалните пропусти, итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените, враќање на поимот „род“ во законите и програмите од кои е отстранет, како и разрешување на функционерите кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.
Протестниот марш ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Од иницијативата нагласуваат дека протестот е граѓански и дека нема да дозволат негова партиска злоупотреба.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат организаторите.

