Министерството за животна средина и просторно планирање да ја забрза постапката за
донесување на Законот за заштита на почвите и да го објави текстот за да можат да започнат јавните консултации, побараа од граѓанската организација Еко свест. Тие велат дека овој закон е неопходен бидејќи со измените на законот за животна средина се создава правна празнина во управувањето со контаминираните подрачја во земјата. Нацрт- Законот за заштита на почвите е веќе изработен од надворешни експерти и доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање, а следниот чекор е негово објавување и донесување.
Екологистите нагласуваат дека имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува нашата земја со еколошките жешки точки, односно контаминираните подрачја и историското загадување на најмалку 13 локации во Македнија, донесувањето на Законот за заштита на почвите треба да се смета за приоритет.
Со последните измени и дополнувања на Законот за животна средина, одредбите за управување со контаминираните подрачја беа избришани, со што овие локации се оставени во недостаток на законски основ и соодветен режим за управување. Доцнењето со финализирањето на Законот за заштита на почвите дополнително го продлабочува овој проблем и оневозможува навремено спроведување на системска заштита.
„Навременото објавување на нацрт-текстот е од суштинско значење за обезбедување транспарентен, отворен и инклузивен процес. Преку отворање на јавна консултација, стручната и пошироката јавност, граѓанските организации, и сите засегнати субјекти ќе добијат можност навреме да се запознаат со предложените решенија, да дадат конкретен придонес и да помогнат во идентификувањето на потенцијалните предизвици при неговата примена,“ изјави Марко Гучески, еколошки правник во Еко-свест.
Од Еко-свест информираат дека доставиле барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за итно забрзување на постапката и објавување на нацрт-законот за заштита на почвите на ЕНЕР, започнување на консултативниот процес во најкус можен рок, со обезбедување соодветен временски период за доставување коментари, мислења и предлози, како и активно информирање и вклучување на сите релевантни засегнати страни, вклучително и преку организирање јавна расправа или консултативни средби.

