Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата бара решение за спорните прашања со Бугарија, но дека нема да влезе во нов процес доколку однапред нема „предвидлив крај“, додека паралелно во Вашингтон разговара за американска поддршка и инвестиции во енергетиката, инфраструктурата и новите технологии.
Во интервју за државната новинска агенција МИА, дадено за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, Мицкоски рече дека односите со Бугарија остануваат неизбежна тема во разговорите со европските партнери, вклучително и со претставници на Европската комисија и Советот на ЕУ.
Според него, Владата не планирала брзоплети чекори, ниту повлекување од меѓународните договори, најверојатно мислејќи на договорите со Бугарија за добрососедство и со Грција за промена на името, иако, како што рече, такви очекувања постојат кај дел од политичките структури во земјава.
„Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме, ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи, да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави“, рече Мицкоски.
Тој повтори дека, според неговиот пристап, најпрво треба да се изгради доверба меѓу двете страни.
„Бараме решенија. Јас никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај“, вели премиерот, додавајќи дека процесот мора да биде „двонасочна улица“.
Мицкоски вели дека Владата е подготвена да разговара и за усогласување на акцискиот план за малцинствата, но смета дека во разговорите треба да биде вклучен и претставник на меѓународната заедница, односно на Европската Унија. Според него, директен дијалог исклучиво меѓу Скопје и Софија би го нагласил билатералниот карактер на спорот.
Тој најави дека Владата во меѓувреме ќе продолжи со реформите од Планот за раст и Реформската агенда.
Мицкоски во интервјуто се осврнува и на односите со САД, оценувајќи дека актуелната американска администрација ја гледа земјава како близок партнер во регионот и во Европа. Станува збор за оценка на премиерот за разговорите што ги имал во Вашингтон, каде што се сретнал со претставници на Конгресот, тинк-тенкови и финансиски институции.
„Нивната поддршка кон нас останува непроменета, не само кога станува збор за НАТО алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции“, рече Мицкоски.
Еден од главните економски разговори во Вашингтон, според премиерот, бил со претставници на Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање ДФЦ. Според него, биле разгледани можности за финансирање на реализација на децениски стариот проект за хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна река. Овие две хидроелектрани се најавуваат од сите можни политички партии во земјава од осамостојувањето до денеска.
Значаен дел од интервјуто е посветен и на гасната инфраструктура. Мицкоски вели дека целта е терминалот за течен природен гас во Александрополи во Грција преку Македонија да се поврзе со Централна Европа.
Со тоа би се премостила неопходноста од увоз на руски природен гас во овој дел од Европа.
Но, за земјав да стане транзитна рута на природен гас, како што посочува премиерот, покрај интерконекторот со Грција треба да се изгради и северниот интерконектор со Србија. Мицкоски очекува двата проекта да бидат завршени до крајот на 2028 година и тврди дека со тоа значително би се зголемиле расположливите капацитети за гас во земјава.
Поголемите количества гас, според планот што го образложи премиерот, би можеле да овозможат инвестиции во гасни електрани, а произведената електрична енергија да се користи и за идни дата центри.
Мицкоски вели дека Владата разговара со компанијата „Рамбл“, на Крис Павловски, но и со уште пет компании за можни инвестиции во дата центри. Тој ги отфрли критиките дека ваквите центри нужно бараат големи количества вода и создаваат значителна бучава, посочувајќи дека постојат технологии со воздушно и други видови ладење.
Во интервјуто Мицкоски рече и дека рамката за трговските односи со САД е договорена и дека останува формално да биде потпишана од македонското Министерство за надворешни работи и американската страна. За воената соработка, пак, рече дека американската поддршка ќе продолжи и покрај најавеното намалување на дел од американската воена помош за неколку европски држави вклучително и за Македонија.
Прашан и за идеите што во Европа се појавуваат за различни форми на „асоцијативно членство“ во ЕУ, Мицкоски рече дека засега ги гледа како „брејнсторминг“ и размена на идеи и дека за нивна евентуална примена би биле потребни промени во договорите на Унијата.
Посетата на Мицкоски на Вашингтон доаѓа во период кога Владата се обидува да обезбеди промена на условите под кои би продолжил евроинтегративниот процес, додека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот остануваат услов за отворање на следната фаза од пристапните преговори. Во интервјуто премиерот не најави конкретен нов договор со Софија, туку повтори дека Владата бара решение кое, според него, треба да обезбеди јасен и предвидлив исход на процесот.

