Веќе трета недела во Албанија се одржуваат протести наречени „Фламинго револуција“ кои се против проектите во заштитените подрачја. Тие се одвиваат во период кога Албанија штотуку ги отвори сите поглавја од преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ). Во овој контекст, се наметнува дилемата во колкава мера протестите можат да бидат искористени од различни чинители да се попречи европскиот пат на земјата. Мирните протести се одржуваат на булеварот „Дешморет е Комбит“, при што се бара и оставка од премиерот Еди Рама и заминување на старата политичка каста, пишува Порталб.мк во написот кој го пренесуваме во целост.
Последните недели протестите поттикнаа една широка јавна дебата за нивното можно влијание врз евроинтеграцискиот процес на Албанија. Паралелно со проширувањето на протестите се појавија и тврдења за странски влијанија, обиди за дестабилизација и „хибридна војна“.
Ваквиот наратив го артикулираше и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој во едно интервју за Си-Ен-Ен на почетокот на јуни зборуваше за една „хибридна војна“ предводена од „многу добро познати непријатели“ и за „силна конкуренција во нашиот дел од Медитеранот“.
И додека Рама ја осуди и ја нарече „хибридна војна“ против развојот на Албанија и имплицираше дека Грција може да има интереси за запирање на проектот во Зврнец, во медиумите и на социјалните мрежи почна да кружи фотографија генерирана со вештачка интелигенција на која може да се види една колона на автобуси во близина на еден граничен премин.
Досега лицата кои протестираат ги одбивале партиските симболи на сите политички партии, како на оние на власт, така и на оние во опозиција. Нивното главно барање, покрај oставката на Рама, е и суспендирање на проектот во Зврнец и Сазан. Во меѓувреме, премиерот Еди Рама изјави дека ниту едно од овие барања нема да се исполни бидејќи само пред една година тој ја доби довербата на парламентарните избори на кои што освои апсолутно мнозинство.
Експертите и познавачите на политичките прашања во Албанија не мислат дека протестите што се одржуваат во Тирана ќе го попречат нејзиниот пат кон ЕУ. Според нив, протестите покажуваат една политичка зрелост на албанското општество во целина, а особено на новата генерација.

Аналитичарот Ерјон Тасе за Порталб.мк вели дека масовните протести се израз на внатрешното незадоволство и дел од еден демократски процес во албанското општество. Според него, протестите не треба да се гледаат како пречка за интеграциите туку како доказ дека албанското општество поминува низ фаза каде што граѓаните бараат поголема транспарентност, одговорност и европски стандарди.
„Ако граѓаните протестираат против корупцијата или за една поодговорна влада, во одбрана на природата и против инвестициите на неколку богати луѓе на сметка на мнозинството незаштитени граѓани, овие барања се темелите на Европа каде што се бара од нас да се интегрираме“, рече Тасе.
Тој понатаму додаде и дека како што може да се види во текот на овие денови кога се одржуваат протестите, носители се младите и граѓаните кои бараат промена на старата политичка елита. Тасе додава дека оваа младина што протестира е токму онаа генерација што се родила и пораснала со истите лидери на власт или во опозиција. Како што вели Тасе, ова е истата политичка класа што ја одбивала ротацијата, што ја ограничувала внатрешната демократија во своите партии и меритократијата која што може да промовира талентирани млади луѓе и да ја предизвика посткомунистичката транзициска елита одвнатре.
И аналитичарот Љутфи Дервиши се согласува дека протестите нема да го попречат европскиот пат на Албанија. Во изјава за Порталб.мк Дервиши вели дека протестите ќе ги забрзаат евро-интеграциите на Албанија. Тој смета дека ако протестите останат мирни, како што биле досега, тие никако нема да му наштетат на процесот на евроинтеграциите, туку ќе го зајакнат уште повеќе.
„Европската унија не е само банкомат, економски или административен проект, туку и еден демократски проект и менталитет. Во Брисел никој не е загрижен поради фактот што граѓаните протестираат. Загриженост се јавува кога граѓаните немаат можност да протестираат, кога медиумите не го покриваат протестот, кога државата ги ограничува основните слободи или кога институциите не го слушаат нивниот глас“, рече Дервиши.
Дервиши додаде дека еден голем протест, организиран спонтано, мирно и со широко учество на граѓаните, е доказ за едно активно и демократско општество. Тој истакна дека од она што го следел во медиумите и социјалните мрежи, преку овој протест имиџот на Албанија не е нарушен, напротив, е подобрен.

Според познавачите на политичките околности во Албанија, протестите на „Фламинго револуцијата“ се предизвик за државните институции и ова ќе покаже и колку се подготвени да се движат кон патот на евроинтеграциите. Ерјон Тасе вели дека ако институциите успеат да ги менаџираат овие протести со дијалог и почитување на човековите права, не само што нема да забави чекорот на земјата на патот кон евроинтеграциите, туку може и да се зајакне.
„Значи, влијанието зависи од тоа како владата и опозицијата ќе се справат со овие случувања. Засега, протестите во Тирана не изгледа дека имаат тајно финансирање или некаков антиевропски наратив. Ако некој странски актер ги промовира овие протести на социјалните медиуми, како што може да биде случајот во Иран, тоа е за внатрешна корист во Иран, а не во Албанија“, вели Тасе.
Истомисленик е и аналитичарот Љутфи Дервиши, кој вели дека Албанија преговара за членство во ЕУ токму за нејзините граѓани да имаат повеќе права, поголема транспарентност и повеќе можности да побараат одговорност од владата.
„Затоа, прашањето не е дали протестите ѝ штетат на европската интеграција, туку дали институциите успеваат да одговорат на проблемите што ги тераат граѓаните да излезат на улица. Кога стотици илјади луѓе протестираат со недели, најубедливото објаснување обично не се наоѓа надвор од земјата, туку во земјата. Сегашните протести произлегоа од незадоволството акумулирано со години за многу конкретни прашања: почнувајќи од животната средина па сè до трошоците за живот, цените на становите, емиграцијата, корупцијата, злоупотребата, недостатокот на транспарентност и фактот дека важните одлуки се донесуваат без консултација со граѓаните“, рече Дервиши.
Дервиши понатаму зборува и за можните странски влијанија врз протестите што се одржуваат во Тирана. Според него, досега нема јавни докази што би го објасниле обемот и континуитетот на овие протести како резултат на една надворешна операција. За албанската публика во Северна Македонија тој објасни дека Албанија не поминува низ државна криза, туку низ силна демократска дебата за моделот на развој, владеењето и иднината на земјата и дека нема причина за тревога.
Од друга страна, аналитичарот Сељим Ибраими има поинаков став во врска со странското влијание врз протестите во Тирана за Звернец. Тој смета дека во интерес на различни земји е да го попречат патот на Албанија кон ЕУ. Во изјава за Порталб.мк тој вели дека траењето на протестите еден подолг временски период ја зголемува можноста Албанија да се претстави како нестабилна земја, со институции кои не се во можност да воспостават јавен ред и мир.

„Иако протестите се дел од демократијата, тоа отвара простор ЕУ да наметне нови препреки и услови за Албанија. Официјална Тирана останува таму, пред вратите на ЕУ. Решавањето на барањата на незадоволните граѓани за пократко време би влијаело на понатамошниот пат на Албанија кон ЕУ. Меѓутоа, неодамнешните настани нè потсетуваат на 1996/97 година и постои страв дека овие протести би можеле да станат насилни и повеќе од тоа“, рече Ибраими.
Понатаму, зборувајќи за можните странски влијанија врз протестот што се одржува во Тирана, Ибраими рече дека има некои знаци што претставуваат странски елементи кои се заинтересирани да го попречат патот на Албанија и нејзиниот развој во последните две децении, како во економијата, така и во други области.
Според Ибраими несомнено дека има многу да каже за владеењето на правото и владеењето на правдата во Албанија, но не е јасно зошто ова се случува токму во овој
момент.
„Од составот, повиците, а исто така и од извештаите, јасно е дека протестите не се поврзани само со неспроведувањето на законите во заштитените подрачја, туку и со други фактори, каде што организации од соседните земји сакаат да биде оштетена Албанија.
Несомнено дека има многу да се каже за владеењето на правото и владеењето на правдата во Албанија, но е многу нејасно зошто ова се случува токму сега. Иако владите во регионот не се изјасниле за протестите, историски е познато дека во Албанија соседните земји се мешале во внатрешните работи и влијаеле врз текот на политичките, економските и другите настани“, изјави Ибраими.
Инаку, протестите продолжуваат да бидат масовни со повиците „Рама во затвор, Бериша во затвор и Рама да поднесе оставка“, кои постојано се слушаат од учесниците за време на маршевите и митинзите во главниот град.
За време на викендот на протестот се придружи и пратеничката Марјана Кочеку. Нејзиното присуство на протестот доаѓа откако таа пред неколку дена најави дека ќе се повлече од групата на Социјалистичката партија. Протестот продолжува пред седиштето на Владата, а организаторите предупредија дека граѓанската мобилизација ќе продолжи и во наредните денови.
Извор: Порталб.мк

