Пратениците на СДСМ и коалицијата поднесоа барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, да свика итна седница со една точка на дневен ред, постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство и во заштитата на жртвите. Опозициската партија реагира на последниот случај на семејно насилство во Гостивар во кој жена била претепана од сопругот и во моментов се наоѓа на скопските клиники со тешки повреди и скршеници на ребрата. Од СДСМ бараат институционална одговорност и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да поднесе оставка.
„Секоја жена што пријавува насилство мора да добие заштита веднаш. Затоа бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали мерките за заштита се спроведуваат. Таму каде што имало пропусти, мора да има одговорност“, велат од СДСМ.
Посочуваат дека во 2025 година се регистрирани шест фемициди, а до ноември годинава се евидентирани седум убиства на жени. Само од јануари до октомври годинава, МВР регистрирало 1.897 настани поврзани со семејно насилство. Според деветмесечниот пресек на МВР, повеќе од 80 проценти од жртвите на кривичните дела се жени.
Опозиционерите сметаат дека Собранието мора да побара одговори од надлежните институции и да утврди конкретни мерки и рокови за навремена заштита на жените.
СДСМ побара Гаши да свика итна седница за насилствата врз жените, а Тошковски да поднесе оставка
2 Mins Read

