Цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје од 1 декември ќе се зголеми за 7,56 отсто. Одлуката ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), поради зголемувањето на цената на природниот гас на меѓународниот пазар.
Поскапувањето се однесува на домаќинствата кои се снабдуваат преку компаниите ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика.
За потрошувачите приклучени на мрежата на поранешна Топлана Скопје Север, односно сегашната Енерџи Еколинк, цената на топлинската енергија ќе се зголеми за 5,84 отсто.
Од РКЕ информираат дека одлуката следува откако сите компании кои ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Скопје доставиле вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената.
Според податоците на РКЕ, во Скопје близу 70.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.

