Реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ имал запушена канализација поради фрлени влажни марамчиња, се активирал алармниот систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба, еден радијатор бил откорнат, а станарите на домот паркирале и автомобили на зелените површини во дворот на домот. Ова е дел од одговорот од Министерството за образование на забелeшките на опозициската СДСМ дека зградата на домот има многу проблеми, иако само што заврши обновата.
Од Министерствот признаваат дека се случиле и некои ситуации за кои е потребна санација, но потенцираат и дека зградата е под гаранција и тие ќе ги санира изведувачот.
„Сите ситуации се надминати. Условите во „Стив Наумов“ се одлични, а храната согласно пропишани нутритивни стандарди и тоа може да се види во секое време. Залудни се обидите на СДСМ за дискредитација на работата на Министерството за образование и наука и за поттикнување незадоволство кај студентите“, велат од МОН, а наводите на СДСМ ги карактеризираат како лицемерие.
Од таму ги поканија опозиционерите да влезат и да направат увид во домот, но и споредба со објектите кои тие ги имаат изградено или реконструирано во време на нивниот мандат и да дадат оценка на успешноста на завршената работа.
Министерството за образование и наука со поддршка од ЕУ во јули 2024 година ја започна а неодамна
ја заврши реконструкцијата на државниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Тоа е првиот од вкупно девет домови кои Владата планира да бидат енергетски ефикасно реновирани.

