Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ синоќа во Домот на поезијата во Струга почна 65-тото издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, Струшките вечери на поезијата. Струга повторно стана дом на поети од сите поетски меридијани, испраќајќи порака дека поезијата и денес има моќ да обединува, да инспирира и да го брани човечкото достоинство.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Посакувајќи им топло добредојде во Струга, Кукунеш на свеченото отворање во Домот на поезијата, забележа дека во ерата на дигитална глобализација, соочени сме со нов, тивок, егзистенцијален предизвик и оти големите јазици се сериозна закана за малите.
„Големите јазици, носени на крилјата на технологијата, се сериозна закана за малите јазици, кои водат лавовска битка да си го сочуваат здивот. Со гаснењето на еден мал јазик, не исчезнуваат само неколку илјади зборови од некој речник. Умира еден уникатен начин на кој се набљудува светот. Се брише една уникатна нијанса на залезот, која само на тој јазик може да се именува, испаруваат една специфична тага и една автентична радост. Не верувам дека постои несогласување околу фактот дека малите јазици се чувари на уникатните кодови поврзани со душата кои, доколку исчезнат, ниту еден голем јазик нема да може да ги преведе, замени или надомести“, подвлече Кукунеш.
Според директорот на Струшките вечери на поезијата, јазикот опстојува само доколку секојдневно го живееме, создаваме литература или ја преведуваме, го исполнуваме дигиталниот простор со него, да не остане празно ехо од минатото, туку да пулсира како жив глас во иднината.
„Прометејска е целта на сите нас кои живееме и создаваме во мали јазични средини, да го сочуваме тој пламен и да им го пренесеме на идните поколенија. Ставањето на јазикот во строги рамки, далеку од влијанијата однадвор, не нуди оптимистичка перспектива. Јазикот опстојува само доколку секојдневно го живееме, создаваме литература или ја преведуваме, го исполнуваме дигиталниот простор со него, да не остане празно ехо од минатото, туку да пулсира како жив глас во иднината. И денес, како и во минатите 65 години, сме тука во чест на струшките браќа Димитрија и Константин Миладиновци, на 165 годишнината од излегувањето од печат на „Зборникот“ – капиталното дело на македонската преродба. Повторно сме тука да им се поклониме и да им изразиме најдлабока почит, со завет дека нивното дело нема да му го препуштиме на заборавот. Од нив научивме дека поезијата може да живее насекаде, а од „Струшките вечери на поезијата“ дека Струга е нејзин дом“, додаде Кукунеш.
За претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова да се биде во Струга е дар за сетилата и мелем за душата.

