На 11 јуни, четврток, со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2026“. На изложбата ќе бидат претставени околу 40-тина слики, изработени од 16 автори. Проектот е подржан од страна на Министерство за култура.
„Целта и идејата на оваа изложба е претставување на кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност, но, воедно, и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на едно запоставено творештво коешто претставува едно локално богатство и заслужува да биде споделено со пошироката ликовната публика. Потребата за традиционално организирање на ваков вид на изложби од страна на НУ Центар за култура – Куманово беше утврдено уште на почетокот на деведесеттите години од минатиот век а дојде како резултат на иницијатива на повеќе наши сограѓани – неакадемски уметници коишто имаа зад себе сериозна ликовна продукција.
Искуствата низ годините покажаа дека оваа изложба освен тоа што има одреден квантитет, квалитет и ликовно-естетско ниво , истата, може да биде и предмет на интерес на медиумите и јавноста. Впрочем и континуитетот потврден во 35-те изданија говори за долгорочен интерес на сите инволвирани страни во проектот – уметниците, организаторот и самата публика којашто со својата присутност дава позитивни сигнали за некои идни ангажмани во оваа насока“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Изложбата ќе биде поставена до 25 јуни.
фото/Сузана Паневска, Хармонија, акрил, 2026

