Во моментов нема причини за голема грижа, но ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по одржувањето на третата седница на Советот за безбедност, на која главна тема беа случувањата на Блискиот Исток, опасностите за земјава, како и македонските граѓани кои се наоѓаат во некоја од тие земји.
Седницата се фокусираше на безбедносната состојба во земјава по воените дејствија на САД и Израел кон Иран и иранските кон земјите во Персискиот залив, во коишто има американски бази. Генералната оценка е дека состојбата во земјата е стабилна и безбедна во моментов. Се нотираше дека посебната грижа за македонските граѓани се остварува преку новоформираниот Кризен штаб, заради целосна евиденција на македонските граѓани, коишто бараат дислокација од потенцијално загрозените подрачја. Беше потенцирана потребата од засилени мерки против можни сајбер напади врз институциите и хибридни закани, како и нужноста од зголемена контрола на гранични премини. Советот заклучи и дека продолжувањето и засилувањето на регионалната соработка е од особен интерес за сите држави на Балканот.
„Состојбата во којашто се наоѓаме врз основа на податоците од Агенцијата за разузнавање и од АНБ, и од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а особено од Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, но исто така и од началникот на Генералштабот, може да се оцени како стабилна и како безбедна. Значи, ние не сме во моментов изложени на нестабилност, ниту има опасност по безбедноста внатре и во регионот“, рече Сиљановска-Давкова.
Посочи дека е најважно што постои систем на рано предупредување и координацијата меѓу сите надлежни органи во постојаното следење на воените состојби. Редовно се врши проценка на ризиците и сите се во координација и со соодветните органи во регионот.
„Интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција и Владата изрази уверување дека ќе обезбеди покриеност со нафта во рамките на Законот за задолжителни нафтени резерви. Значи, добивме цврсто уверуваење документирано со податоци, дека во моментов нема причини од голема грижа. Се разбира, ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме“, рече Сиљановска-Давкова.
На седницата со којашто претседаваше претседателката присуствуваа сите членови на Советот за безбедност Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; преку видео-врска Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов. На седницата беа поканети и: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

