Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на обраќањето на американскиот државен секретар Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција. За Мицкоски пораките на Рубио се јасен сигнал за сите сојузници, дека светот веќе не функционира по старите правила.
„САД и Европа остануваат нераскинливо поврзани, но иднината ќе ја градиме преку сериозност и взаемно почитување. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница. Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани,“ напиша Мицкоски.
Според него обраќањето на американскиот државен секретар било инспиративно, во кое тој ги потенцирал глобалните светски предизвици, но и нераскинливата врска помеѓу Европа и Америка.
„Главната порака е дека како партнери и како пријатели треба да продолжиме да соработуваме во светот и не само во рамките на НАТО Алијансата туку и заедно да ги решаваме сите оние безбедносни предизвици, но и економските предизвици кои се исправени пред нас како два различни континенти, Европа и Америка“, вели Мицкоски.
Тој, на вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција се сретнал со Тед Дојч, претседател на американско-еврејскиот комитет, со кој разговарале за глобалните безбедносни предизвици и мирот кон кој политичарите треба да се стремат, како и со холандскиот премиер, Дик Схоф, земја за која Мицкоски потенцира дека е искрен пријател и еден од најзначајните економски партнери. Премиерот најави и други средби во рамките на Минхенската безбедносна конференција, меѓу кои и со претседателот на Украина, Зеленски.

