Денеска стартува пролетниот дел од тековната 2025/26 сезона. Нема дилеми дека Вардар, нашиот најтрофеен клуб кој и тоа како се врати на сцена по долги години таворење, па и престој во Втора лига, е најголемиот фаворит за титулата. И не само поради тоа што има бодовна предност пред Струга ТЛ и Шкендија, туку и поради фактот дека има навистина добар тим, има одличен стратег во името на Гоце Седлоски кој си ја знае својата работа, а и осетно се засили во зимскиот преоден рок.
Вардар атакува на својата 12-та шампионска титула во самостојна Македонија или вкупно 13-та, ако ја сметаме онаа од осумдесетите години од минатиот век освоена во екс – СФРЈ.
Шкендија оди по својата шеста титула а Струга ТЛ по својата трета, и тоа трета во последните четири години.
Од сите досегашни шампиони ги нема Победа која е во агонија и Ренова која веќе не постои.

