И сега повторно има „моментум“, односно од геополитички причини од ЕУ декларираат дека сакаат да го активираат процесот на проширувањето со брзи преговори и прием на Украина и Молдавија. Тој нов, којзнае кој по ред, „моментум“ сега им го нудат на земјите од Западен Балкан, како шанса што не треба да ја испуштат за ЕУ, иако Македонија веќе повеќе од 20 години живее со кандидатски статус, направи деградирачки национални остатпки и спроведува општествени реформи кои се секако понапред од земјите чијашто брза интеграција сега се претставува како шанса.
Но, во новиот налет на ентузијазам за проширување на ЕУ, администрацијата на Европската комисија сфаќа дека ја изгубила институционалната меморија, односно ги „заборавиле“ административните процедури за зачленување нови членки. Имено, неодамна Еуроњуз откри дека одделот на Европската комисија задолжен за проширување останува без капацитет за истовремено управување со пристапните преговори со повеќе земји кандидати, а најголемиот притисок допрва следува.
„Не се само земјите кандидати тие што тешко се справуваат со огромниот обем на работа. Комисијата го загуби институционалното паметење и капацитетот што ги имаше за време на последниот бран на проширување“, изјавил еден функционер за Еуроњуз под услов да остане анонимен, потсетувајќи дека ЕУ 13 години не примила нови членки, а преговорите со земјите – кандидати ги одолговлекува.
Текстот на Еуроњуз е главно фокусиран на административните проблеми на Европската комисија за преговарачките процеси за проширување со Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Дури и се наведува дека имало „пренасочување на ресурсите, особено на службениците што работеле на земјите од Западен Балкан што неодамна не постигнале значителен напредок.
Логично е да се заклучи дека Македонија не е „товар“ за администрацијата на Европската комисија, зашто практично не се движат, поради условот од Бугарија за уставни измени вграден во предлог преговарачката рамка, позната како „фанцуски предлог“, сосема нестандарна и неприменета ниту кај другите земји членки на ЕУ, ниту кај кандидатите.
Но за ЕУ тоа е политички проблем, што таа ѝ го наметна на Македонија, а сега настојува да го прикаже како административен проблем. Ако пред неколку години Македонија важеше за една од најподготвените земји кандидати, денес, според перцепцијата на Еуроњуз, вниманието и ресурсите на Европската комисија се насочени кон државите што имаат реален напредок. Македонија не е меѓу приоритетите бидејќи нема отворање на преговарачки кластери; колку повеќе напредуваат другите, толку повеќе административните ресурси на Брисел се насочуваат кон нив. Неискажаната, но претпоставена порака за Македонија од тој текст за административните предизвици на ЕК е дека ризикува дополнително да заостанува ако не се деблокира процесот, додека другите кандидати веќе влегуваат во завршните фази на преговорите. Или барем дека Македонија повеќе не е во групата на кандидати што го диктираат темпото на проширувањето. Во моментот, фокусот на Европската комисија е на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, додека Македонија останува надвор од главниот бран на забрзаното проширување поради застојот во пристапниот процес.
Вицепремиерот и министер за евроинтеграции на Македонија, Беким Сали, во контекст на администраивните предизвици на ЕК во процесот на проширувањето на ЕУ и некакви скриени пораки за Македонија, на прашање на МКД.мк, истакнува дека „нашата задача е да испорачаме резултати, и да веруваме дека Европската комисија ќе продолжи да биде силен и ефикасен партнер во овој процес“.
„Во однос на информациите за евентуалните предизвици со административните капацитети во Европската комисија, најсоодветно е став да дадат самите институции на Европската Унија. Она што можам да го потврдам е дека во изминатиот период имаме одлична, интензивна и конструктивна соработка со Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) и со Делегацијата на Европската Унија во Скопје, особено во спроведувањето на Реформската агенда и во сите активности поврзани со пристапниот процес.
Факт е дека политиката на проширување добива нова динамика и опфаќа сѐ поголем број земји кандидати, што природно носи и потреба од дополнително јакнење на административните капацитети на европските институции.
Сепак, убедени сме дека Европската Унија навремено ќе ги приспособи своите ресурси и институционални капацитети на сопствената стратешка определба за проширување. Македонија останува целосно посветена на исполнувањето на реформите и на обврските од пристапниот процес. Нашата задача е да испорачаме резултати, а веруваме дека Европската комисија ќе продолжи да биде силен и ефикасен партнер во овој процес, во интерес на кредибилноста на политиката на проширување и на сите земји кандидати“, вели министерот Сали за МКД.мк.
По формалното започнување на преговорите на Македонија со ЕУ, во 2022 година, не е отворен ниту еден кластер од преговарачката рамка, бидејќи тоа е условено со нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Таквото условување нема поддршка во македонската јавност, па преговорите се практично во стагнација, иако се работи на исполнување на условите од Реформската агенда. Условот пак за уставни измени, е вграден во предлог преговарачката рамка со меѓународно правно спорен документ – протокол од меѓувладин состанок на Македонија и Бугарија.
„Протоколи се записници од состаноци на заедничка меѓувладина седница потпишани од министри за надворешни работи. Овие записници не се договор, не се ратификувани во Собранието, документи без обврски како оние кои произлегуваат од Договорот за добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија. Немаат форма на меѓународен договор, немаат иста меѓународно-правна сила како Догооворот за добрососедски односи“, вели универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој беше и дипломат и вицепремиер за евроинтеграции.

Тој нагласува дека сега имаме само заклучоци на Совет на ЕУ со кои се поздравуваат потпишувањето на тие протоколи и уставните измени.
„Во заклучоците на Советот на ЕУ се повикува на обврски преземни од тогашниот министер за надворешни работи на Македонија. Но во преговарачката рамка не стои протоколот, туку само Договорот за добрососедство со Бугарија. Преговарачката рамка е основа на преговори и не повикува на промени на Уставот. Но претставници на ЕУ се повикуваат на обврските преземни од протоколите, за уставните измени. Тој документ не е ратификуван од Собранието. Дали еден министер за надворешни работи може да презема обврски за измена на Устав во една таква форма, записник?, реторички прашува Наумовски во телевизиско гостување на Сител.
Притоа, тој укажива дека со протоколот се бараат нови отстапки надвор од Договорот за добрососедство, особено во однос на заклучоците на историската комисија.
„Изјави на високи бугарски политичари кои велат дека влезот на Бугарите во Уставот не е последен чекор, туку ќе се бара од историската комисија да носат одлуки кои ќе ја задоволат бугарската страна. А таму одлуките се носат со консензус и никој не може да ги притисне нашите членови да гласат. Е тогаш Бугарите ќе постават нов услов поврзан со одлуките на историската комисија“, ги појаснува стапиците во протоколот Наумовски, нагласувајќи дека уставните измени се неповратни, па треба да се бара одложено дејство на тие измени.
„ЕК беше креативна и ние треба да бидеме креативни. Промената на Уставот да биде последна отстапка сè до полноправно членство на Македонија во ЕУ. Нетрадиционален е пристапот на ЕУ во случајот со Македонија. Треба да оневозможиме ново вето на овие теми“, порачува професорот Васко Наумовски.
Јасминка Павловска

