
Денес започна официјалната примена на системот за видео-надзор и автоматско санкционирање „Безбеден град“. Утрото поминало без регистрирани поплаки од граѓаните, соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Според него, стартот на системот поминал мирно, а институциите внимателно ја следат неговата примена на терен.
Мицкоски информираше дека Владата и Министерството за внатрешни работи донеле одлука во почетната фаза да се примени поголем праг на толеранција при мерењето на брзината, со цел возачите постепено да се прилагодат на новиот начин на контрола. Наместо вообичаените 10 проценти, колку што е европскиот стандард, во првите месеци ќе важи толеранција од 15 проценти над дозволената брзина.
„Ова е транзициски период. Не сакаме граѓаните веднаш да бидат казнувани, туку да се навикнат на системот. Како што ќе се зголемува свеста и дисциплината кај возачите, така постепено ќе се враќаме на европските стандарди“, изјави премиерот.
Тој најави дека толеранцијата нема да остане трајна и дека со текот на времето ќе се намалува, во согласност со практиките во земјите на Европската Унија. Според него, целта е да се постигне трајна промена во однесувањето на учесниците во сообраќајот, а не моментален ефект преку строги казни.
Мицкоски нагласи дека „Безбеден град“ не е проект насочен кон зголемување на приходите во буџетот, туку алатка за подобрување на безбедноста во сообраќајот. „Ова не е проект за полнење на државната каса, туку проект за спасување животи. Ако успееме да го намалиме бројот на сообраќајни незгоди и жртви, тогаш целта е исполнета“, рече тој.
Според најавите, системот ќе регистрира различни прекршоци, од пречекорување на брзината и поминување на црвено светло, до користење мобилен телефон и неносење сигурносен појас. Казните ќе се изрекуваат автоматски, без директен контакт меѓу полицијата и возачите, што, како што велат надлежните, ќе ја зголеми транспарентноста и ќе го намали просторот за селективност.
Премиерот очекува дека со целосното ставање во функција на „Безбеден град“, драстично ќе се намали бројот на сообраќајни прекршоци, а со тоа и бројот на тешки сообраќајни несреќи.
„Безбеден град“ започна со функционирање на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10.

