
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски повторно ја истакна својата оценка дека Украина би била „технички“ подготвена за членство во Европската унија во 2027 година, и покрај реакциите од некои европски лидери оваа недела кои сметаат дека неговото инсистирање на забрзано пристапување е нереално и дури може непотребно да создава тензии во Унијата, пренесува Грардијан.
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Ксавиер Бетел, во четвртокот изјави дека „постојат правила и тие мора да се почитуваат“, додавајќи дека повеќепати го замолил Зеленски да престане да врши притисок врз ЕУ околу роковите, бидејќи тоа, според него, е контрапродуктивно.
И еврокомесарката задолжена за проширувањето, Марта Кос, навести дека иако постои политичка волја, можеби ќе бидат потребни дополнителни напори.
„Технички, ќе бидеме подготвени во 2027 година“, изјави Зеленски за новинарите, пренесува Ројтерс, додавајќи дека до крајот на 2026 година Украина ќе ги спроведе клучните чекори потребни за членство.
Сепак, Европската комисија има порезервиран став, имајќи го предвид минатогодишниот извештај за напредокот, во кој се наведува дека во многу области има „одредено ниво на подготвеност“, но и ограничен напредок за важни прашања како борбата против корупцијата и институционалните капацитети.
Зеленски порача дека најмногу сака „јасна временска рамка“ за да знае какви се реалните изгледи за приклучување кон Унијата, што тој го гледа како важен дел од безбедносните гаранции по војната, додека во наредните денови се очекува да продолжат трилатералните разговори со Русија и САД.
Но, за проширување на ЕУ е потребна едногласна одлука од сите 27 земји членки, а Унгарија одамна се противи на забрзан прием на Украина, при што односите меѓу двете држави во последните недели дополнително се влошија.
„95 проценти од Унгарците се против брзо членство на Украина во ЕУ, затоа што сакаат да ги заштитат нашите земјоделци, безбедноста на нашите семејства и мирот во Унгарија“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Прашањето веројатно ќе биде важно и на претстојните парламентарни избори во Унгарија, кои би можеле да донесат промена на власта по 16 години управување на Орбан.
Во меѓувреме, Зеленски за чешкото јавно радио предупреди дека недавањето поддршка на Украина носи ризик, Русија би можела да ја прошири војната и кон други земји, што би претставувало директна закана за регионот.
„Ако не ѝ помогнеме на Украина и таа падне, постои ризик Русија да продолжи. Дури и ако некој не верува целосно во тоа, мислам дека не треба да се проверува – цената е превисока“, рече тој.
Тој додаде дека постои голем ризик за Европа доколку продолжи руската агресија, прашувајќи кој би можел да издржи сето она што го издржа Украина.
Говорејќи за разговорите со Русија и САД, Зеленски изјави дека некои спорни прашања како територијата, сè уште не се решени, но и дека се работи на финализирање на безбедносните гаранции со Вашингтон и Брисел.
Тој беше прашан и за гласините дека САД ги поврзале безбедносните гаранции со можни украински отстапки во Донбас.
„Сум слушнал за тоа во политички кругови, но не директно од претседателот Трамп. А станува збор за гаранции од него и од американскиот Конгрес“, рече Зеленски, додавајќи:
„Разбирам дека овие гаранции нешто чинат. Прашањето е која е цената.“
Одделно, Зеленски им се заблагодари на граѓаните на Чешка за неодамнешната итна хуманитарна акција, во која биле собрани речиси седум милиони евра за енергија и генератори за греење во Киев.

