
Турските власти соопштија дека спречиле напади планирани за време на божиќните и новогодишните прослави откако уапсиле повеќе од 100 осомничени членови на Исламската држава.
Масовни рации биле извршени на 124 локации низ градот, при што биле запленети огнено оружје, муниција и документи поврзани со организацијата, објави Би-би-си.
Полицијата привела 115 лица, додека трае потрага по уште 22 осомничени. Во соопштение се наведува дека уапсените биле во контакт со припадници на Исламска држава надвор од Турција.
Оваа акција се случува два дена по рацијата на турските разузнавачки служби против групата на границата меѓу Авганистан и Пакистан. При таа операција бил приведен турски државјанин, осомничен дека имал висока позиција во регионалното крило на Исламска држава и дека планирал напади врз цивили.

