Дирекцијата за култура и уметност на Скопје информира дека во рамките на јубилејното 25-то издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе се одржи концерт на „Једен ансамбл“ од Турција на 9.11. 2025 г. (недела), со почеток во 20 часот, во Салон 19.19 (Културно-информативен центар).
На концертот ќе учествуваат: Руи Азиз – каманча, Халил Ибрахим Доѓан – неј, Реџеп Белен – тамбура, Наваф Хамед – канун и Бураг Месробјан – перкусија.
Једен Ансамбл е основан во Виена во 2018 година и организира концерти во различни делови на Европа, специјализирајќи се за класична турска и турска суфиска музика. Групата е единствена во Австрија и една од ретките во Европа со ваков фокус. Репертоарот обединува дела од 10 век до денес, во разни форми и структури, изведени на акустични инструменти како неј, танбура, уд, канун, кеменче и бендир, а понекогаш настапуваат и гостински уметници. Ансамблот изведува инструментални, побожни и вокални форми со соодветни инструменти, а бројот на изведувачи се прилагодува според проектот. Настапуваат во Австрија и низ Европа, вклучувајќи Германија, Унгарија, Чешка и Полска, учествувале на многу меѓународни фестивали, а нивните настапи биле прикажани и на значајни телевизиски канали како ТРТ.
Публиката во Скопје ќе има ретка можност да ужива во извонреден музички спој на историја, духовност и уметничка прецизност, кои го одразуваат богатството на ориенталната музичка традиција, вели организаторот.
Настанот е поддржан од Турскиот културен центар – Институтот „Јунус Емре“ во Скопје.

