Раководителка на филијала на штедилница во Кавадарци е осомничена за злоупотреба на парични средства на граѓани, преку склучување фиктивни кредити на нивно име и неправилно евидентирање на нивните депозити. Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против неа поради сомненија за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем и проневера во службата.
Според основаното сомнение, осомничената во подолг временски период преземала дејствија со кои ги злоупотребувала паричните средства на штедачите. Еден од начините на кои го правела тоа било реализирањето фиктивни кредити на име на оштетени граѓани, без тие средства да бидат соодветно евидентирани. Истовремено, таа не ги заведувала прописно ниту депозитите на клиентите, со што, според обвинителството, прибавувала противправна имотна корист.
Во рамки на постапката за обезбедување докази, вчера биле извршени повеќе претреси, врз основа на судска наредба обезбедена по барање на јавниот обвинител. При претресите биле одземени документација и други предмети кои би можеле да бидат од значење за расветлување на случајот и утврдување на начинот на кој биле извршувани злоупотребите.
Откако биле откриени дејствијата за кои се сомничи раководителката, штедилницата го прекинала нејзиниот работен однос.
Во меѓувреме, јавниот обвинител доставил предлог до судот за определување мерки на претпазливост, поради проценетиот ризик од бегство. Со предлогот се бара одземање на патната исправа на осомничената, како и таа редовно да се јавува во судот.
Од Основното јавно обвинителство Кавадарци информираат дека продолжуваат со преземање дејствија за целосно испитување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со сомнителните финансиски трансакции.

