На 11 ноември во 19 часот, во Чифте амам при Националната Галерија на Македонија ќе се отвори самостојната изложба на ликовниот уметник и редовен професор на тетовскиот Државен универзитет, Сафет Спахиу, со наслов „Пурпурна имагинација“.
Ќе бидат изложени педесет дела од овој негов последен циклус на слики изработени во комбинирана техника. Изложбата ќе ја отвори директорот на Национална Галерија на Македонија, Али Синани.
Кустос на изложбата е Маја Крстевска и истата ќе биде отворена до 24 ноември.
„ПУРПУРНА ИМАГИНАЦИЈА“
Изложбата од циклусот „Боја на пурпурот“ на ликовниот уметник Сафет Спахиу во Националната галерија на Македонија, ни го открива неговиот творечки пат преку неколку поетични кругови во кои – низ силен индивидуален израз кој доминира во формирањето на неговата моментална преокупација – е даден белег на поетски приказ. За реализација на комплексната идеја на содржината и начинот на кој ја прикажува темата, поетиката на пурпурната боја ја визуализира во графикон со експресивен тоналитет на заднина со јасни контури и константен впечаток на наративни симболи, со јасно изразена рефлексија. Со истакнати претстави, со студиозно и прецизно обликување на дадените проблеми на творечката способност за креација, Спахиу исцрпно ја конципира својата идеја на правилно изведена композиција.
Во овој Циклус одлика на авторот се јаки контрасти со потези во полутонови и големата желба да се избегне, да се одмине денешницата. Тоа на гледачот му овозможува чувство на контакт со делото, како и допир со радоста на неговото творештво. Патем уметникот ни ја демонстрира својата чиста сведеност на необични, имагинарни и поетски слики, како и уметничката посветеност која води, пред сѐ, кон синтеза врз сопствените искуства. Со својата современа интерпретација и со интензивната употреба на различни вредности во преминот на колоритот кон пурпурната боја, Спахиу постигнува рамноправен уметнички и стилски сроден импакт.
Со својата фокусираност на сепаратно поставени експресии, во еден нов духовен амбиент, со веќе постигнат дигнитет, уметниковата поетска импресија е претставена како универзална информација. Потребата да се пренесе пораката, мислата или идејата, преку исчитување на уметничкото дело, овде е јасна сензација на знакови и симболи, преку формирање наратив кој е продолжение на природата на реализацијата.
Спахиу со изразена динамичност ни ја открива емоцијата во секој свој потег, а со преплетот на боите придонесува спонтано втемелување во единствена приказна, со која ни отелотворува дел од своето битие, ни ги открива своите внатрешни визии, но и доживувањето на надворешниот свет.

