Во однос на неговото лидерство во партијата, Филипче нагласи дека како претседател на партијата е кратко време – година и неколку месеци и дека досегашните резултати се дополнителен показател од кој СДСМ ќе влече поуки и пораки за иднината.
„Процесот продолжува, силно да се бориме против оваа власт. Со тоа што успеавме да ги разобличиме нивните политики, делумно е и наша заслуга што губеа голем број гласови“, рече тој.
Филипче помеѓу двата круга на локалните избори рече дека по нивното завршување ќе има кадровски промени во партијата.
Ана Чупевска е универзитетската професорка, таа предава политички студии на Правниот факултет Јустинијан први. По првиот круг од локалните избори, иако ВМРО-ДПМНЕ водеше во 55 општини, Чупевска изјави СДСМ постигна успех и дека има нагорен тренд.
Поранешниот градоначланик на Струмица, Костадин Костадинов по завршувањето на вториот круг од локалните избори изјави дека СДСМ не е „целосно згасната партија“, но дека истата мора да помине низ „сериозен филтер, реформи и ребрендирање кои ќе му овозможат да остане втората најсилна партија во Македонија“.
„Нашиот фокус не треба и не може да биде исклучиво, брзо менување на власта. Нашиот фокус мора да биде зајакнување на улогата на СДСМ во рамките на опозицијата,СДСМ отворена за сите, СДСМ платформа во која ќе се најдат што поголем број на помали групи, па дури потоа да стреми кон нешто повеќе“, порача Костадинов.

