Министерството за здравство набавило дополнителни 26.000 вакцини против сезонски грип, а над 23.000 граѓани добиле термин за вакцинација во следниот период. Како што информираат од Министерството, досега се вакцинирани 28.035 граѓани, а преку електронска пријава на „Мој термин“ се пријавени вкупно 79.011 лица.
„Закажани се 54.778 термини, од кои 23.225 се претстојни во наредниот период. Реализацијата на веќе поминатите термини изнесува 88,9 отсто. Дополнителните над 26.000 дози се пристигнати и се дистрибуираат до вакциналните пунктови низ државата, велат од Министерството.
Посочуваат дека вакцинацијата е бесплатна и се спроведува на 31 вакцинален пункт, а приоритет имаат лицата над 65 години, хроничните болни, здравствените работници, бремените жени и децата од 6 месеци до 5 години.
Министерството апелираше граѓаните кои добиле порака со термин за вакцинација, а се спречени да дојдат, да го откажат терминот за да биде достапен за друг пациент.

