Во Македонија расте бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип, соопштија во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во неделниот извештај е наведено дека во периодот од 9 до 15 ноември регистрирани се 154 случаи, што е зголемување од 37,5 отсто во споредба со претходната недела, кога биле пријавени 112 случаи.
Во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 117 заболени, бројот на случаи е зголемен за 31,6 отсто. Најмногу заболени во изминатата недела има во Тетово – 49, Скопје – 38, Куманово – 19 и Радовиш – 12. Според возраста, најголем број заболени, односно 102 лица, се на возраст од 15 до 64 години, додека 22 се постари од 65 години. Регистрирани се и 30 заболени деца на возраст до 14 години.
Од ИЈЗ посочуваат дека за првпат оваа сезона е надминат прагот на вонсезонска активност и дека земјава официјално влегува во сезоната на грип, со засега ниско ниво на активност.
Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се регистрирани вкупно 609 случаи, што е за 6,7 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Најголем број заболени, вкупно 198, се регистрирани во Тетово.
Во меѓувреме, според податоците на Управата за електронско здравство, против сезонски грип со бесплатни вакцини се вакцинирани 25.458 лица од ризичните категории на населението.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната заштита од сезонски грип, особено за повозрасните лица, хронично болните, бремените жени и здравствените работници.

